Ако се прифати оваа илегална и первертирана пракса, тоа би значело дека Катица Јанева, од притворот, ќе можеше да го ослободи од кривично гонење и обвинетиот митаџија Орце Камчев, а тоа ќе беше релевантна „наредба“ – што, секако, дека е апсурд и досега невиден нон-сенс.
Постојат повеќе нерешени правни дилеми кои се појавија во јавноста со дубиозното префрлање на активните кривични предмети на Специјалното јавно обвинителство кај редовното Јавно обвинителство, како и нерешливите правни проблеми кои притоа се појавуваат – при што, постои реална опасност овие случаи ние, како држава, да ги изгубиме пред Стразбур – дури и во ситуација домашните судови, под притисок на актуелната владејачка гарнитура, нив да ги процесуира со осудителни пресуди.
Специјалната јавна обвинителка во оставка не може да продуцира никакви службени правно релевантни акти
Најпрво, тука е прашањето што се случи со „депонираната оставка“ на поранешната специјална јавна обвинителка – разрешената Катица Јанева – која, со јавна и недвосмислена изрична изјава на волја (expresis verbis) ја имаше дадено на ден 24 јули 2019 и тоа јавно, на официјална прес конференција, а потоа истата беше прикачена и сè уште стои на официјалниот веб-сајт на СЈО, како поранешен државен орган во нашиот правосуден систем!? Во параграфот §11 од оваа Изјава експлицитно се вели: „Ја депонирав мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник. Со овој чекор сакам да бидам пример за сите останати“.
Колку за споредба, нашето јавно право не познава т.н. условена оставка – односно оставка од функцијата со одложено правно дејство, која би станала актуелна по евентуалното исполнување на некој иден, временски неодреден, услов/настан!? Таквото нешто е непознато ни во уставното, ни во управното, ни во судското право – за што, per analogiam, сведочи и Одлуката на Уставниот суд на РМ У.бр. 104/2016, којшто го има поништено т.н. одложено самораспуштање на парламентот, кое се случи во време на Груевски, со образложение дека: „Не може да постои било какво одложено губење на мандатот на пратениците… Ваквата состојба доведува до правна несигурност и повреда на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок“!
Тоа значи дека еднаш дадена оставка на било кој јавен функционер произведува правно дејство веднаш, т.е. од мигот на нејзиното давање и дејствува ex nunc [„од сега за понатаму“] – односно, давателот на оставката, како личен и морален чин, од тој критичен момент па во иднина (pro futuro) ги губи сите права и обврски кои произлегуваат од вршењето на конкретната јавна функција или професија. Подоцнежната процедура за т.н. „констатирање на оставката“, предвидена во чл. 44 од Законот за Советот на јавни обвинители, е само чиста формалност, а решението кое што се носи во ваков случај од страна на Советот, има само декларативно, а не конститутивно дејство! Тоа значи дека: прво – законот не предвидува задолжителна писмена оставка дадена со посебен поднесок, односно таа може да биде дадена и усно на записник или на прес-конференција; второ – решението на Советот, кое се носи по сопственото барање за престанок на функцијата на дотогашниот обвинител, не е неопходно за оставката да почне да произведува правно дејство; и трето – Советот воопшто не е надлежен да се впушта во материјална расправа за причините или начините на давањето на оставката и нема мандат нив да ги испитува или преоценува.
Притворената специјална обвинителка не може да издава нови наредби или да презема било какви службени дејствија
Фактот што јавниот обвинител на РМ – Љубомир Јовески, свесно или несвесно тактизирајќи во предметот „Рекет“, времено не ја оддалечи Катица Јанева од функцијата специјален јавен обвинител – онака како што тоа изрично го бара чл. 60 од Законот за јавно обвинителство, како супсидијарен правен извор – не значи дека таа ги има сите законски права кои би и следувале како вршител на функцијата во нормални услови, токму поради фактот што против неа се води активна истрага за сторено кривично дело, па следствено на тоа нејзиниот правен статус сега е променет и таа се третира исклучиво како „притворено лице“, со значително ограничени субјективни права, регулирани во Законот за кривичната постапка.
Дополнителен правен проблем е тоа што, по определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат на државниот орган кој го застапува и претставува – што, пак, е спротивно на чл. 88, ст.1 од Законот за општа управна постапка кој јасно и недвосмислено ја уредува структурата, односно суштествените и задолжителни елементи коишто мора да ги содржи секој писмен акт: „Управниот акт што е издаден во писмена форма содржи вовед, диспозитив, образложение, правна поука, потпис од овластеното службено лице и печат“.
Оттука, дури и да има некакво издадено фамозно полномошно од КПУ „Затвор Скопје“, тоа правно гледано има сила само и исклучиво на приватна, но не и на јавна исправа! На пример: притвореничката Катица Јанева можела да издаде тестамент пред нотар во затворот „Шутка“ или, пак, да му издаде полномошно на нејзиниот син за управување со туѓо моторно возило – но, во никој случај не можела да издаде наредба/полномошно поврзана со службата со кое, хипотетички, би се откажала од кривичното гонење на обвинетите или, пак, би направила трансфер на сите активни предмети – токму поради фактот што таа е осомничена не за било кое, туку за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, казниво според чл. 353 од Кривичниот законик. Впрочем, еден од главните основи за определување на безбедносната мерка притвор е токму оневозможувањето на осомничениот да го повтори или да го доврши делото [чл. 165, ст.1, ал. 3 од ЗКП]! Ако се прифати оваа илегална и первертирана пракса, тоа би значело дека Катица Јанева, од притворот, ќе можеше да го ослободи од кривично гонење и обвинетиот митаџија Орце Камчев, а тоа ќе беше релевантна „наредба“ – што, секако, дека е апсурд и досега невиден нон-сенс.
Tрансферот на предметите на СЈО е обратен од она што го бара законот
Следниот нерешлив проблем е тоа што популарно наречениот Закон за СЈО предвидува исклучиво пренос на предмет по првично барање на редовното Јавно обвинителство, а никако обратно: „Повисокиот јавен обвинител (на РМ) не може да поднесе иницијатива ни барање за реферирање на одреден предмет или кривично правен настан до специјалниот јавен обвинител! Јавниот обвинител на РМ или друг јавен обвинител не може да презема истраги и гонење по предмети кои спаѓаат во надлежност на СЈО без негова/нејзина писмена согласност“ [чл. 5, ст. 4-5 од ЗСЈО]. Значи, тука адресант/испраќач на барањето за преземање предмети е редовното ЈО, а адресат/примач е СЈО! Не може СЈО, кое еднаш веќе прокламирало своја стварна надлежност, истата самоволно да ја пренесува или делегира на друг сроден државен орган кој сè уште не побарал таква делегација, токму поради неговиот хибриден статус во нашиот правосуден систем.
Видно од Соопштенијата на СЈО [од 4.09.2019 и 12.09.2019 год.] е дека Катица Јанева, со полномошно: прво – неповикана од никого, „ги овластува обвинителите во СЈО“ да ги предадат топтан сите предмети на ЈО; а дури десетина дена подоцна редовното Јавно обвинителство, со некаков си свој „допис“, побарало да му бидат отстапени предметите на понатамошно постапување!? Ова е класична злоупотреба на правото (fraudem leges), затоа што Законот за СЈО предвидува спротивна процедура од несмасно изведенава: прво мора ЈО да побара, па СЈО да даде – а никако обратно!
Значи, законската процедура е дека ЈО бара од СЈО, а СЈО дозволува [или не дозволува] трансфер. Самото СЈО не може да му ги „дила“, односно нуди предметите на редовното обвинителство за кои веќе засновало целосна јурисдикција, оти за тоа нема законска процедура, токму поради исклучивата, т.е. ексклузивна надлежност на СЈО: „Специјалниот јавен обвинител одлучува дали случајот спаѓа во надлежност на СЈО“ [чл. 11, ст.3 од ЗСЈО]. Оттука, телеолошката интерпретација нè наведува на заклучок дека редовното ЈО – како secundus, е надлежно само доколку СЈО – како primus, се прогласило за стварно ненадлежно. Можело да биде поинаку, но не е!
Дотолку повеќе, овластен да одлучува за трансферот на предметите е исклучиво главниот специјален јавен обвинител, а не и неговите соработници– кои, патем речено, имаат правен статус само на помошници, а не и на полномошници на Јанева! Tие немаат можност за самостојно настапување во правниот промет и општење со другите државни органи, освен со судовите (што, тука, не е случај, бидејќи еднонасочната комуникација е на релација ЈО=>СЈО, а не суд => СЈО). Впрочем, другите јавни обвинители вработени во СЈО „немаат право да донесуваат наредби и обвиненија“ [чл. 9, ст.3 од ЗСЈО] – што значи дека, во случајов, е прекршена и императивната законска забрана за неможност на истапување на било кој друг во име на СЈО, освен поименично на Катица Јанева – како инокосен орган. Колку за илустрација, оваа небулозна ситуација е исто како кога Претседателот на Републиката, со полномошно, би „овластил“ некој чиновник од неговиот кабинет – тој, наместо него, да ги потпишува указите за прогласување на законите!?