Северна Македонија има направено голем напредок во користењето на технологијата со цел да се олесни царинското работење, а со тоа и да се подобрат условите за водење бизнис, смета генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија, кој претстојува во земјава како гостин на конференцијата „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт”, што од денеска до четврток се одржува во Скопје.
– Важно е Царинската управа, креаторите на политики и истражувачите да се соберат тука и да разговараат за иднината на царината, применувањето на технологија во оваа област со цел да се подобрат бизнис условите, но и да се заштити општеството. Со таа цел, ќе бидат дискутирани е-трговијата, односно користењето податоци во приватниот сектор и анализањето на податоците за работата на Царината со цел да се поддржи отвореноста на земјата и нејзината интеграција во глобалниот систем на царина и размена, изјави Микурија пред почетокот на конференцијата. Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на отворањето на собирот, порача дека Република Северна Македонија целосно ја прифаќа економската интеграција на земјите од регионот и на европско и светско ниво.
– Ние имаме јасна определба. Владата одлучи да се движи напред во соработка со соседите и со сите земји. Ги прифати придобивките од слободната трговија и наместо преземање контрола, Владата го поддржува ставот дека меѓународната инлклузивност е многу посилна отколку стоењето настрана, рече Заев.
Модернизацијата на Царинската управа, според него, треба да придонесе кон развој на надворешно трговското опкружување. Тој најави дека од 1 јануари 2020 година извозното работење треба целосно да се одвива без хартија, а заедничките царински контроли со Србија и наскоро со Албанија , според него, ќе придонесат кон уште поголемо интегрирање на македонската економија. На овој значаен настан за Светската царинска органзиација, чиј домаќин е Царинската управа во земјава, присутни се претставници од над 50 држави кои во следните три дена ќе дебатираат за т.н. паметни граници за да се овозможи непречена трговија, патување и транспорт. За Царинската управа, одржувањето на конференција од вакви размери е потврда за напредокот во царинското работење во земјава и реформскиот напредок и посветеноста на Царинската управа, Владата и Министерството за финансии за вклучување во глобалните синџири на светската економија.
– Организирањето на една ваква конференција претставува чест и за Царинската управа и ги поддржува нашите напори за модернизација и напредок и претставува признание на целиот процес на дигитализација што го спроведуваме со цел олеснување на трговијата и интегрирање на македонската економија во регионалната и светската мрежа на снабдување. Темите кои ќе се обработуваат на конференцијата се многу популарни и верувам дека ќе се подигне свесноста од ангажирање на дополнителни капацитети, изјави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Светската царинска организација е основана во 1952 година како Совет за царинска соработка. Таа е независно меѓувладино тело чија мисија е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на царинските управи. Во неа денес членуваат 183 царински управи од целиот свет кои заедно покриваат околу 98 проценти од вкупната трговска размена.