Во рамките на кампањата „ЕУ за ТЕБЕ”, амбасадорот Самуел Жбогар, денеска го посети Валандово и се сретна со градоначалникот Перо Костадинов, а во средното училиште „Гоце Делчев” имаше жива дебата со учениците од средното училиште на тема „Визијата на младите за ЕУ”.
Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, Жбогар учествуваше во заедничка акција за чистење, а ја посети и детската градинка „Калинка”, реновирана со средства од фондовите на ЕУ.
Посетите на средни училишта ширум земјата во рамките на „ЕУ за ТЕБЕ” продолжуваат, придружени од дебати и размена на мислења помеѓу амбасадорот и учениците. Дебатите се однесуваат на различни прашања и теми поврзани со Европската Унија и ЕУ-интеграцијата на земјата, сегашната состојба во Унијата, како и за придобивките од членството, но и за предизвиците и одговорностите.
Акцијата за чистење беше уште една во серијата слични акции организирани како дел од кампањата „За чисто како дома исто”, со која Делегацијата на ЕУ придонесува за почиста животна средина и поквалитетен живот.
Серијата дебати со млади се организираат во соработка со невладината организација Младински образовен форум (МОФ). МОФ води 15 младински клубови во осум општини ширум земјата во рамките на проектот „Младинско изразување”, кој е финансиран од ЕУ,, стои во соопштението.