Иако има големи разлики и поместувања во однос на надзорот на мерките за следење на комуникациите од претходниот период во делот на усогласувањето со европските стандарди, во насока на поголема заштита на приватноста и интегритетот на личните податоци, сепак има и огромна потреба за дополнителни реформи.
Ова беше констатирано на денешната дискусија за моделите за отчетност кои се поврзани со следење на комуникациите како дел од доброто владеење и од заштитата на човекови права на интернет или во која било сфера на животот, организирана од Фондацијата за интернет и општетство „Метаморфозис”.
Според Филип Стојановски од „Метаморфозис”, нашата правна рамка за заштита на приватноста треба да се усогласи со законодавството на ЕУ преку хармонизирање со регулативата ГДПР и т.н. полициска директива. Во конкретниот случај Законот за следење на комуникациите е донесен минатата година, но во него, според него, не се допрецизирани одредбите за Советот за граѓански надзор, за да може тој ефикасно да функционира.
-Советот за граѓански надзор речиси девет месеци по неговото формирање, се уште се соочува со исклучителни предизвици. Најавено е допрецизирање на законите во наредниот период, но дали тоа целосно ќе ги реши прашањата кои беа поставени во однос на неговиот статус треба да видиме, вели Стојановски, појаснувајќи дека иако има определено буџет за Советот, немал можност да го искористи.
Андреј Петровски од SHARE фондацијата од Белград вели дека постои согласност оти е потребна одговорност и транспарентност во работењето на државните органи кои имаат монопол врз мерките за спроведување безбедност, односно спроведување посебни мерки, како прислушкување на граѓаните, со што би се отстраниле сомнежите за потенцијални злоупотреби на системите, како и нивно користење со налог на суд или обвинител. Еден од најголемите проблеми, според него, е што кога има законски реформи потребен е период на усоглсување на старите со новите закони, за да се направи кохерентен систем каде нема да има противречности.
– Тоа е голем систем кој има повеќе закони што го уредиуваат на различен начин. Постои идеја за еден закон кој би ги регулирал сите овие сегменти. Како предизвик се појавува и проблемот со екипираноста, односно со недостигот од професионални кадри кои би требало да работат во овие институции, и недостатокот на можност на државните институции нив да ги задржат поради различни причини како што се подобри финансиски понуди во приватниот сектор или во странство, вели Петровски.
Професорот Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност при УКЛО во Скопје, се залага токму за закон за интегрална безбедност како еден од столбовите за трансформација на безбедносниот систем.
– Сегашниот безбедносен систем на РМ не дава соодветен одговор на загрозувања. Потребен е современ безбедносен концепт кој треба да воспостави односи помеѓу: поединците и заедницата, внатрешната безбедност и транснационалната безбедност, мултидимензионалните безбедносни фактори и присуство на недржавни или приватни безбедносни актери, вели Ѓуровски.
Инаку, во Србија, во моментов голем интерес во јавноста има за случајот со нетранспарентната набавка на опрема за видео надзор по пат на меѓународен договор, купена од Хуавеи Кина, која треба да се постави на преку 800 локации во Белград и со 2.000 камери ќе може да се следат лицата на луѓето кои се појавуваат на улиците во градот, како и недостатокот на транспарентност во делот на механизмите кои би спречиле можни злоупотреби, немањето информации колку долго ќе се чуваат податоците и кој ќе може да им пристапи.