Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за состав на новата Влада на Косово откако неговата партија победи на изборите одржани на 6 октомври, оцени денеска дека годинешната Нобелова награда за литература доделена на австрискиот писател Петер Хандке, е награда за „адвокатот на геноцидот и човекот кој ги негира страдањата и траумите на цели нации”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук по повод 55-годишнината од одбивањето на Нобеловата награда од страна на Жан-Пол Сартр, Курти напиша дека големиот француски писател „како да знаел во што ќе се претвори таа награда во 2019 година кога му се додели на Петер Хандке”.
– Сартр ја одби наградата бидејќи не сакаше да биде преобратен од престижното признание, додека наградата за Хандке сега веќе го преобрати севкупното вреднување за Нобелот за литература. Оваа награда која се смета за круна во животот на еден писател својот престиж не го постигна поради парите кои ги носи, туку токму поради имињата на оние на кои историски им одаде почест. Значи, списокот на вреднуваните ја зголеми вредноста на наградата. Но, која е вредноста која на наградата ја додава Петер Хандке, тој адвокат на геноцидот и човек кој ги негира страдањата и траумите на цели нации?, напиша Курти.
Доделувањето на Нобеловата награда на контраверзниот австриски писател предизвика бројни реакции во светот, меѓу другото, поради неговата отворена поддршка за српскиот лидер Слободан Милошевиќ, кој се смета за одговорен за големи крвопролевања во поранешна Југославија, како и поради тврдењата дека босанските муслимани го искенирале геноцидот во Сребреница во 1995 година, со цел да ги оцрнат Србите.
Според Курти, „доколку и можеме книгата и литературата да ги судиме сами за себе, писателот не може никако да се суди како независен од себе, од своето дело и својот збор”.
– Нобеловата награда не се доделува за една одредена книга, туку секогаш се доделува на писателот. Тој треба да се вреднува како човек, како наш современик, кој со неговите дела и со неговото чинење ја гради сопствената личност, исто толку колку што ја гради и со делата кои ги пишува, вели Курти, додавајќи дека „не може а да не предизвика револт изборот на Хандке за Нобеловата награда за 2019 година”.
Лидерот на ВВ и веројатен иден премиер на Косово порача дека „на Балканот му е потребна правдина, мир и помирување по крвавите војни и постојаните тензии”.
– Всушност, преку правдата за злосторствата и стасуваме до историската и човечката вистина, до меѓусебната доверба за помирување во иднина. Со Сартр ќе беше непотребно ова да се дискутира. Со Хандке е невозможно ова да се дискутира. Бидејќи Сартр беше на страната на угнетуваниот кој се револтира. Додека Хандке е на страната на угнетувачот кој не се покајува, напиша Курти.