Нов модел за субвенционирање на туризмот во земјава треба да биде приоритет, бидејќи сегашниот што се применува истекува во јануари, а и моделот кој е применет веќе не одговара на сегашните состојби во туризмот. Здруженијата од туристичкиот сектор, заедники денеска на министерот за економија му ги претставија своите идеи за унапредување и подобрување на моделот за субвенционирање на туризмот.
– Како прв предлог што сакаме да го ставиме со најголем приоритет тоа е моделот за субвенционирање на туризмот во државата. Знаеме дека тековниот закон истекува со крајот на годината, треба да побрзаме да донесеме нов закон. Имајќи во предвид дека доаѓаат избори и од јануари ќе има техничка влада мора да го ставиме ова со висок приоритет и да му дадеме сериозен пристап и од нас како поддржувачи, рече претседателот на Туристичко угостителската комора при Сојузот ан стопански комори Владимир Граматиков.
Според него, доколку не се направи нов модел ќе се изгуби чекорот со соседните држави.
– Големите тур-оператори веќе ги креираа своите пакети за следното лето. Доколку ние немаме во скоро време што да им понудиме, можно е да се случи земјава да не се појави на програмите на дел од тие оператори, порача Граматиков. Асим Меџедовиќ, координатор за агенции на ХОТАМ, истакна дека треба да се донесе решние кое е подобро и ќе ги олесни административната бирократија, а истовремено нема да има импликации врз буџетот.
-Годишно за субвенционирање на туризмот се одвојуваат од една до два милиони евра од Буџетот и за овие пет години не се искористени. Правилникот за субвенционирање чија примена истекува на крајот на оваа година е донесен пред 10 години, ситуацијата сега е променета и имаме нови моменти и бараме да дојдеме до ново решение, рече Меџедовиќ.
На прес-конференцијата појаснија дека со тековниот модел увиделе кои се недостатоците, ги анализирале моделите и на другите држави со што дошле до еден така заеднички модел, еден сублимат кој е апликативен за нас. Главно, како што беше посочено, се базира на подигнување на чартер-летови како најголема трошковна стапка кај тур-операторите кога почнуваат нова дестинација, но исто така не ги исклучува и туристичките групи со редовните авионски линии, патничкиот сообраќај и железничкиот сообраќај. Промена има и во самата документација која ќе го направи поедноставен, потранспарентен, недискриминирачки. Покрај редовното субвенционирање исто спомнуваат и еден нов тип субвенционирање, а тоа е конгресниот и спортскиот туризам кој главно би се субвенционирал во периодот од октомври до мај кога туристичката активност е помала.
Тие предлагаат и измени во делот на банкарската гаранција околу осигурување на патувањата. Според нив, тоа паѓа на товар на агенциите, особено на помалите и она што го нудат е решение што веќе се користи во многу европски држави, а тоа е осигурутелната полиса која го заштитува и патникот, и соработниците на туристичките оператори и не претставува дополнителен товар на самите оператори. Министерот за економија Крешник Бектеши потенцира дека како институции се транспратенти и учествуваат во вакви работни групи со цел заеднички да се продискутира со сите за да се подобри туристичката понуда, но истовремено да се помогне и на економијата, имајќи предвид дека овој сектор има влијание индиректно во целокупната економија.
-Како министер за економија во наредната недела ќе свикам состанок со работната група. Ќе ги повикаме и нивните претставници да учествуваат со цел што побрзо да навлеземе во промени на моделот на субвенционирање. Ова процедурално не трае многу бидејќи е правилник што треба да се смени, не е законско решение што се однесува до моделот на субвенционирање, но треба да имаме предвид дека моментално го работиме буџетот за 2020 година и е многу важно странските тур-оператори да бидат информирани навремено за моделот на субвенционирање се со цел наредната сезона да привлечеме што повеќе странски туристи. Истовремено да биде предвидливо и за странските и за нашите тур-оператори условите за субвенционирање на странски туристи, истакна Бектеши.