На 3 јануари му завршува криминално-политичката кариера на Зоран Заев. Зоран Заев паѓа од власт и тоа е реалност, исто како што вртоглаво и паѓаат рејтинзите на анкетите на Заев и СДСМ, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Зоран Заев е очаен и тоа не може да го сокрие од целата јавност. Зоран Заев е детронизиран човек, човек кој не може да ги сокрие омразата и очајот и продолжува со навреди и лаги. Дојден му е крајот. Никој, ама баш никој не им е крив на Заев и СДСМ за неуспехот и што рекетираа, што крадеа, што малтретираа, што лажеа, што нанесуваа неправди, што ветуваа – а не можат да остварат. Ниту граѓаните кои бараат чесност, визија и посветеност, ниту ЕУ лидерите кои бараат реформи и сериозност, ниту ВМРО-ДПМНЕ која целиот период наназад укажуваше за целиот криминал и погрешниот пат кој го оди Заев и власта. Свесен за очајната ситуација во која се наоѓа Заев, избезумен што му дојде крајот на неговите лаги, бараше избори на 27 декември во петок, нарекувајќи ги брзи избори.
Според Арсовски, Зоран Заев под превезот на таканаречени брзи избори сакал да го изигра законот и да не го испочитува Пржинскиот договор, односно да ги скрати роковите. Предложено беше веднаш да се распушти Собранието и да се оди на првиот датум за избори согласно 100 дена Пржинска влада, но и тоа го одби Зоран Заев.
-Единствената причина за избори без техничка влада односно со скратени рокови беше причината да ја украдат волјата на граѓаните исто како што го направија тоа и минатите со нерегуларности за кои се поднесени кривични пријави, а се уште нема никаков исход од обвинителството. Но и тоа ќе биде предмет на ревизија и некој ќе сноси одговорност откако ќе се смени власта.
Затоа, ВМРО-ДПМНЕ принципиелно и согласно законите издејствува предвремени парламентарни избори согласно Пржинска Влада, каде што Зоран Заев од 3 јануари оди во историјата. Не смее никој повеќе да си игра со волјата на граѓаните, затоа што ова е шанса за иднината на граѓаните и на државата. Не чека многу работа, сите заедно, да ставиме крај на ова зло што ни се случуваше изминатите 2 години. Не чека многу посветеност и многу влог да ги залечиме раните од владеењето на најнеуспешниот и најлажливиот премиер во историјата Зоран Заев и владеењето на најнедржавничката партија СДСМ. Не чека Обнова на Македонија и таа ќе се случи после 12 април од страна на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Обнова на Македонија. Имаме тим, имаме план и визија, имаме програма. Знаеме како ќе го реализираме тоа и сите заедно ќе успееме!