Премиерно прикажан првиот краткометражен филм за мултипла склероза

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза соопштува дека на 22 октомври во Кинотеката на Македонија – Скопје премиерно беше прикажан првиот краткометражен филм за мултипла склероза со наслов „Роденденски подарок“.

„Роденденски подарок“ е прва соработка помеѓу Националното здружение за МС и Факултетот за драмски уметности во Скопје, која се уверивме дека е одлично и успешно реализирана. „Филмот прикажува и разработува исклучително чувствителна тема, каде што глумците, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите и други несебично се внесоа и не штедејќи го својот потенцијал, успеаја вешто да ја отсликаат реалноста и верно да ги доловат предизвиците со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза“, изјави Ана Карајанова-Димитрушева, претседател на Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.

„Десетминутниот филм е снимен на локации во Скопје и е фокусиран на здравствените и социјалните аспекти прикажани низ призма на борбата на главната херојка со нејзината хронична болест, од една страна, и отсуството на емпатија од другите, од друга“, изјави претставник од тимот, кој работеше на овој проект.

Во приказната прикажан е животот на Јасна – млада девојка, ликовен уметник, лице кое боледува од мултипла склероза. Таа и покрај тешкотиите што ѝ ги задава болеста, со крајни сили се труди да ја исполни задачата за која е ангажирана, храбро борејќи се со исцрпувачките симптоми како резултат на нејзината болест. Кулминација во самата приказна се лошите зборови упатени од страна на Зоран, кои храбро ги дочекува Јасна, која истовремено се бори на два фронта – макотрпните симптоми на мултипла склерозата и нималку пријатните зборови на Зоран како работонарачател.

Краткометражниот филм „Роденденски подарок“ има прекрасен расплет, каде што секој може да ги почувствува суровата реалност, гордоста, победата и покајувањето.

Треба да знаете
Последни објави