Родниот град на Дражен Петровиќ декориран со огромен дрес во чест на неговиот роденден

Огромен дрес на славниот кошаркар Дражен Петровиќ, во чест на 55. роденден на еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, е поставен на зградата на градското собрание во Шибеник.

Петровиќ, кој поради своите мајстории го добил прекарот кошаркарски Моцарт, е роден на 22 октомври 1964 година, а по тој повод најпопуларниот дрес со број 4 од времето додека играл за Шибеник, го украси неговиот роден град.

Петровиќ ја започна својата кариера во Шибеник, продолжи во Цибона, тим со кој двапати беше европски шампион, а потоа во Реал Мадрид.

Тој подоцна кариерата ја продолжи во НБА клубовите во Портланд и Њу Џерси и беше еден од Европејците што ја урна бариерата на најсилната кошаркарска лига.

Со југословенската репрезентација освои бронзен и сребрен медали на Олимписките игри во 1984 и 1988 година, а со Хрватска сребрен медал во 1992 година.

Тој беше прогласен за најдобар спортист на Југославија во 1985 година.

Почина во сообраќајна несреќа во Германија на 7. јуни 1993 година.

Треба да знаете
Последни објави