„Герешајмер” го означи почетокот на изградба на новата фабрика во Бунарџик, ќе вработи 400 луѓе

Германската компанија „Герешајмер” денеска во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик го означи почетокот на изградба на новата фабрика за медицинска пластика.

Ова е прва фабрика на реномираната германска компанија во Југоисточна Европа, а земјава беше избрана како поволна бизнис дестинација во конкуренција со Србија и Романија.

Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на церемонијата, рече дека со германска прецизност, плановите за изградба на фабриката се одвиваат точно според планираното. Посочи дека одлуката на „Герешајмер” да инвестира во Македонија е една од двете инвестиции кои дојдоа непосредно по потшишувањето на Протоколот за членство во НАТО.

Заев рече дека сосема е извесно дека членството во НАТО и овозможува на земјата да обезбеди политичка а пред се економска стабилност, што ќе и овозможи да влезе на голема врата на развиениот пазар и тоа е најсигурна гаранција за привлекување странски инвестиции.

– Од мај оваа година кога беше потпишан договорот до септември, се изведуваа земјените работи. А од денеска почнува со изградба на објектот што ќе има 12.500 метри квадратни. Изградбата се очекува да биде завршена до крајот на првата половина на идната година, а првите производи наменети за фармацевтската и медицинската индустрија се очекуваат во почетокот на втората половина на 2020 година, рече Заев.

Посочи дека првите проценки на компанијата се дека ќе бидат отворени околу 400 работни места, а компанијата отвора можност за дополнителен развој на нивната инвестиција и за нивно проширување.

– Во моментот само во Бунарџик во ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2 имаме 12 нови странски инвестиции кои се реализираат. Дополнително се реализираат пет нови проекти за странски инвестиции, чија вредност на сите заедно е 155 милиони евра. Во првата фаза овие компании вработуваат 1.100 лица, а согласно нивните бизнис планови вкупниот број на новоотворени работни места според планот треба да достигне 4.300 работни места, рече Заев.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека оваа компанија датира од 1864 година, има 40 фабрики во 15 држави во светот и има 10.000 вработени и има промет од 1,4 милијарди евра.

-Денеска беше замислено да имаме камен-темелник ама ние сме на половина изградба од фабрика што само покажува за сериозноста на инвеститорот и за начинот и пристапот кој тие го имаат во нивната инвестиција, рече Анѓушев.

Истакна дека тоа е компанија која има капитал и интензивни инвестиции и која произведува за фармацевтската индустрија, произведува специфична амбалажа, како пенкала за инсулин и инхалатори, и тука, како што рече, не може да има компромис со квалитетот, бидејќи од тоа зависат човечки животи.

– Компанијата е лидер во оваа област и работи за најголемите фармацевтски компании. Производите кои тука ќе се произведуваат ќе завршат на пазарот низ целиот свет, рече Анѓушев, додавајќи како Влада ќе бидат посветени во сите чекори на нивната инвестиција.

Изрази задоволство од фактот дека од сите земји што ги разгледувале како потенцијални бизнис дестинации, од Албанија, Србија, Романија и други држави во околината, „Герешајмер” одлучил да инвестира во земјава.

Германскиот амбасадор Томас Герберих изрази задоволство што Северна Македонија ќе биде една од 15-те држави во светот каде што „Герешајмер” има своја фабрика.

– Ова ќе биде прва фабрика во Југоисточна Европа и тоа е многу важно за пазарот на работна сила, бидејќи ќе се отворат нови 400 работни места, рече Герберих.

Додаде дека оваа инвестиција ја покажува важноста на регионот на Западен Балкан, особено Северна Македонија за германските инвеститори.

– Нашите инвестиции ќе дадат поддршка на креирање на здрава економска средина и што е многу важно ќе отворат можности за македонските граѓани да останат во државата, посочи Герберих.

Извршниот директор на „Герешајмер” Дитмар Зимсен рече дека нивната компанија работи за здравствениот сектор и работат на производи што го подобруваат квалитетот на животот на луѓето, и оти нивните производи се од висок квалитет.

– Нема компромис за квалитетот на нашите производи. Оттука и вештините на луѓето кои ги вработуваме мора да бидат од високо ниво. Се одлучивме да инвестираме во Скопје бидејќи веруваме дека имаме пристап до луѓе со вистински вештини – техничари, инженери, се надевам дека на крајот на годината или на почетокот на следната ќе ги видиме и првите машини овде, дека оттука ќе излезат добри производи со висок квалитет што на крајот ќе бидат испорачани до крајните корисници, рече тој.

Посочи дека планираат да почнат со уреди, со машини со продукти кои ќе бидат поддршка на испораката на амбалажа за пакување на лекови.

– Тоа се високо автоматизирани производсвтени линии што ќе бидат инсталирани овде, но како што веќе спомнав зошто се одлучивме за ова парче земја, а тоа е дека во Скопје и Северна Македонија јасно гледам можности за постигнување на нашите цели да вработиме луѓе со висока мотивација. Ја ценам поддршката што ја добивме од Владата, рече Зимсен.

Потпретседателот за глобални операции, квалитет и набавки Оливер Бургел рече дека биле импресионирани од локацијата за изградба на нивната фабрика и се заблагодари на Владата за заложбите и поддршката за оваа нивна инвестиција.

– Сите ветувања кои беа дадени од нивна страна, беа и одржани. Она што го гледаме сега во една куса временска рамка е за поздравување. Се надевам дека многу скоро ќе имаме и производство, веќе од следната година, рече Бургел.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека со овој отворен пристап на Владата кон странските инвеститори ќе се создадат повеќе работни места, а со тоа ќе се работи и на зголемување на платите. Истакна дека Владата заедно со Министерството за економија ќе бидат десна рака на странските инвеститори, со што тие ќе ја чувствуваат Северна Македонија како своја земја.

Инвестицијата ќе се реализира во повеќе фази, а во план е да бидат отворени 400 нови работни места. Ова е втора инвестиција по потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО.

Договорот беше потпишан во март годинава, а новата инвестиција тогаш ја најавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Треба да знаете
Последни објави