На турската воена операција во североисточниот дел на Сирија ѝ се ближи крајот, а понатамошниот развој на настаните зависи од повлекувањето на воените формации на Курдите, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, коментирајќи го исходот од разговорите помеѓу претседателите на Турција и Русија, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин.
„На операцијата ѝ се ближи крајот. Сега сѐ ќе зависи од почитување на договорот, особено во однос на прекинот на ангажирањето на силите и користењето на опремата, како и повлекувањето на курдските воени формации“, изјави Лавров, пренесе „ТАСС“.
Путин и Ердоган постигнаа вчера договор за поделба на контролата над североисточниот дел од Сирија, што налага повлекување на курдските борци должд сириско-турската граница.
Согласно договорот, курдските борци имаат уште 150 часа, почнувајќи од денеска напладне, да се повлечат.
Турција ќе ја задржи контролата над областите во кои влезе од почетокот на офанзивата на Сирија, пренесе „АП“.
Договорот им дозволува на руските и сириските трупи да го контролираат остатокот од границата. Путин и Ердоган истотака се договорија нивните трупи да вршат заеднички патроли во пограничните подрачја.