Немало причина, ниту потреба да разговараме за евентуално одложување на изборите поради членството во НАТО кое ќе се случи во јануари или февруари, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјава на Артан Груби од ДУИ за една телевизија дека на лидерската средба имало договор дека доколку земјава не стане официјално членка на НАТО изборите да се одложат.
Премиерот рече дека зачленувањето е извесно и ќе се случи во јануари или февруари, откако Протоколот во декември ќе го потпише и Шпанија, каде што претстојат парламентарни избори и конституирање на нивниот парламент.
Рече дека претседателот на Собранието донесува одлука кога да се распушти Собранието поради изборите што, според Уставот е од 45 до 60 дена претходно, но за да има време да се завршат процедурите со зачленувањето во НАТО, смета дека тоа треба да бидат 45 дена. Би било несериозно да немаме парламент, рече, кога ќе стигне конечниот протокол, кој претходно тој како премиер треба да го потпише со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
-НАТО ќе биде, тоа е јасно. Се што се разговараше во врска со НАТО на лидерската средба беше како тоа да го осигуриме. Со ратификација на Протоколот во нашиот Парламент, останува само депонирањето во Вашингтон, и тоа е членството во НАТО. Нема одлуки, нема гласање, што значи нема ни разочарување, ниту друг ризик за нашата земја, нагласи Заев.
Додаде дека поради Шпанија, каде што претстојат парламентарни избори, не може да се исполни планот на 3 декември на самитот на Лондон со одбележувањето 70 години од НАТО, земјава да стане официјално 30-та членка на Алијансата.
Шпанија е последна земја која ќе го ратификува протоколот и се очекува тоа да го направи до крајот на декември зашто конституирањето на Парламентот таму е закажано за 3 декември.
Потоа ќе следува потпишување на конечниот протокол помеѓу Заев Столтенберг и негово пристигнување во нашиот Парламент на почетокот од наредната година.