Тренерот на фудбалскиот клуб Партизан, Саво Милошевиќ, на денешната прес-конференција пред утрешниот дуел со Манчестер јунајтед од Лига Европа, изјави дека на легендарниот тренер Алекс Фергусон, кој треба да допатува во Белград, ќе му покаже места на кои може да проба квалитетен алкохол.
Партизан и Јунајтед не играле дури 53 години, па во Белград утре ќе биде празник на фудбалот. Гостите се фаворити, синоќа Црвена ѕвезда загуби од Тотенхем и прими пет гола, се виде до каде е српскиот фудбал во однос на врвните клубови од Премиерлигата.
– Голема чест и привилегија е што ќе дојде и сер Алекс Фергусон. Се надевам дека ќе се претставиме во добро светло. На вечерата ќе разговараме за многу теми, со него соработував во УЕФА, и тоа ми беше драгоцено искуство. Има многу работи во Белград кои може да му ги препорачам, а како и за вистински Шкотланѓанец, ќе му препорачам и еден добар алкохол, се пошегува Милошевиќ.