Специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп во Сирија соопшти дека американските сили виделе докази за воени злосторства од страна на турската војска за време на неодамнешната офанзива против Курдите во североисточниот дел на земјата.
Не видовме широко распространети докази за етничко чистење во турскиот воен напад, но има извештаи за неколку инциденти кои ги сметаме за воени злосторства, рече Џејмс Џефри на сослушувањето во Претставничкиот дом на Конгресот.
Американските власти ги испитуваат овие извештаи, истакна тој, додавајќи дека побарал објаснување и од турската влада.
САД исто така истражуваат и извештај според кој Турција користела забранет бел фосфор за време на офанзивата.
Потврдено е и тврдењето на министерот за одбрана Марк Еспер дека повеќе од стотина борци на Исламска држава побегнале поради турската операција, а во моментов нивната локација е непозната.
Џефри и Метју Палмер, заменик државниот секретар задолжен и за односите со Турција, втор ден по ред сведочеа пред американскиот Конгрес, пренесува хрватски „Индекс“.
Голем дел од претставниците, републиканци и демократи не се согласуваат со одлуката на Трамп да се повлече од Сирија, што пак го отвори патот за турската војска да ја премине границата и да ги нападне курдските сили кои со години им помогнаа на САД во борбата против милитантите од Исламска држава.