Заврши тридневната конференција ПИКАРД, организирана од Царинската управа на Република Северна Македонија, во соработка со Економскиот факулет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, а со поддршка од Светската царинска организација и Царината на Кореа, а на која во Скопје се дискутираше за можности за унапредување и градење на капацитетите, соопштија од Царинската управа.
Поздравно обраќање на затворањето имаа директорот на Царинска управа Ѓоко Танасоски, министерката за финансии Нина Ангеловска и проректорот при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” од Скопје Билјана Ангеловска
-Со воведување на концептот на СМАРТ границите, царините треба да размислат за тоа како со помош на нови технологии, Царината може да работи „паметно” за да се постигне поврзан глобален синџир на вредности што го поддржува економскиот раст на инклузивен начин. Концептот за SMART граници е насочен кон поттикнување на владите преку нови достигнувања во областа на технологијата со цел да се најдат решенија за да се олесни протокот на луѓе, стоки и транспортери, притоа следејќи ги водечките принципи на СМАРТ границите – безбедност, мерливост, автоматизација, управување со ризик базиран и управуван од технологија, посочи директорот Танасоски.
Според министерката новите технологии отвораат поголеми можности за економски раст, инклузија и натамошно инвестирање.
-Се приклучувам кон оние кои веруваат дека ефикасната употреба на податоците во услови на дигитализација е клучна за носење политики кои можат да ги подобруваат животите на сите, на правичен и мерлив начин. Да, највредниот ресурс во светот не е повеќе нафтата, туку податоците, меѓутоа ако се нерафинирани, не може да се искористат. За да создадат вредност, мора да се разложат и анализираат. Напредокот во науката за податоци ни дава можност да ги откриеме скриените обрасци, врски и причинско-последични односи зад одредено деловното однесување. За да се постигне тоа, неопходно е постојано надоградување на царинските системи за да се подобри и рационализира царинското управување, почнувајќи од документацијата, преку мониторирањето, анализата и следењето на движењето на стоките, рече министерката Ангеловска.
Проректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Ангеловска се заблагодари за поддршката која Светска царинска организација ја дава на царината и на универзитот. Централната улога при развојот на СМАРТ границите ја имаат царините, но истакна дека за успешна имплементација неопходен е импут на научните истражувања и трудови од страна на академските институции. Овие институции ќе продолжат да ја поддржуваат царината и бизнис секторот со цел олеснување на трговијата.
ПИКАРД конференцијата (партнерство во царински истражување и развој), во изминатите три дена на едно место ги обедини царинските администрации и универзитети од целиот свет. Тема на годинешната 14-та конференција беше „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт”. На Конференцијата присуствуваа повеќе од 150 претставници од околу 50 земји од светот, претставници на царински управи, Светската банка, Европската комисија, академската заедница, како и тинк-тенкови и претставници на приватниот сектор.
Петнаесеттата ПИКАРД конференција ќе се одржи во Јамајка во 2020 година. Директорот на Царинската управа Танасоски и го предаде водството на директорката на Царинската управа на Јамајка, Вилма Рикетс Валкер.