Нема да правиме коалиција со СДСМ пред изборите на 12-ти април, вели претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Според првиот човек на интегративците од таквата предизборна коалиција неа би имале користи ниту ДУИ, ниту пак нивниот владин партнер СДСМ. Предизборните коалиции, смета Ахмети, логични се пред локални и претседателски избори, но не и во пресрет на парламентарни избори.
„Мислам дека таква предизборна коалиција нема да му користи ниту на СДСМ ниту на ДУИ. Не мислам дека ние ќе бидеме спасители и да влеземе во такви предизборни коалиции поради атер. Тоа нема да му помогне ниту на СДСМ ниту на ДУИ. Се уште постојат разлики во програмите. Ние имаме програмски разлики на национални линии“,вели Ахмети во интервју за МТВ2.
Заев, пак од друга страна, очекува соработката со Ахмети да продолжи понатаму. Има доверба со својот коалиционен партнери бидејќи, како што вели, коалицијата е склучена врз основа на политичките програми и соработката ќе продолжи се додека двете страни ја почитуваат владината програма.
„Дома може да се сакаме и да си веруваме, си веруваме овде додека служиме добро на граѓаните. Во првиот момент може да се разделиме, да ја зајакнеме соработката или да не сменат граѓаните на кои служиме“, вели Заев.
Инаку, за потсетување еден од темелите на коалицијата СДСМ и ДУИ е Законот за јазици кој на сила стапи во јануари годинава. Пред само недела дена се појавија нацрт заклучоци на Венецијанската комисија во однос на Законот во кој што се критикува решението како легислатива која ги надминува европските и меѓународни стандарди за почитување на малцинските јазици. Комисијата има сериозни забелешки и за одредбите во однос на судството. Се наведува дека доколку Законот се имплементира онака како што е донесен ќе го урне судскиот систем, ќе предизвика застои и сериозно ќе ја намали ефикасноста на судовите.
СДСМ и ДУИ се најдоа на раб на конфликт околу тоа дали треба забелешките на Венецијанската комисија да бидат имплементирани во Законот.