Министрите за одбрана од земјите членки на НАТО денеска и утре во Брисел ќе ги продолжат подготовките за Самитот во Лондон во декември. Тоа ќе биде прва средба на НАТО по започнувањето на турската воена операција во Сирија.
Според генералниот секретар Јанс Столтенберг на средбата, пред сè, ќе се дискутира за ситуацијата во североисточна Сирија. Тој изрази охрабрување од намаленото ниво на насилство во таа земја во последните денови, но оцени дека ситуцијата и натаму е кревка.
Столтенберг посочи дека ќе се разговара и за предлогот на Германија за формирање безбедносна зона во североисточна Сирија, но потенцираше дека за такво нешто е потребна одлука од Обединетите нации.
На средбата, исто така, ќе се разговара и за мисиите на НАТО од Балканот до Авганистан, како и за хибридните закани и како Алијансата одговара на нив.