Мицкоски: Имаме план за економски бум во првите 100 дена од новата влада

Неуспешните политики на Зоран Заев и оваа арамиска влада не можат да се премолчат. Оваа влада уништува стандарди и носи лоши резултати, уништувајќи ги животите на граѓаните, рече на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој констатираше дека факт е оти владата на Зоран Заев не прави реформи, не сака да прави рефрорми и нема план за правење реформи. Додаде дека ваквиот факт е потврден и од ЕУ и Светската банка.

„Светската банка во извештајот кој го издава еднаш годишно, „Дуинг бизнис“, потврдува дека годината најавувана како економска година се претвори во економско цунами. Забележан е пад од 7 места и Македонија сега е позиционирана на 17 место, а земјата бележи назадување во сите 10 индикатори кои се оценуваат од Светската банка“, истакна лидерот на опозициската партија.

Во однос на странските инвестиции, Мицкоски истакна дека иако владата се фали оти успале да ги триплираат ваквите инвестиции, сепак вкупниот износ е многу помал во споредба со други земји од регионот.

„Поради неспособноста на оваа арамиска влада скратени се и нешто повеќе од 50 милиони евра кои од почетокот на годината беа предвидени за капитални инвестиции и истите беа вратени во буџетот за тековни потреби бидејќи не знаат како да ги потрошат“, обвини партискиот лидер зборувајќи за домашните директи ивестиции.

„Приходите во буџетот се на 70 посто од тоа што било планирано, а расходите на 68 отсто од тоа што било планирано. Со други зборови, владата ги собира парите од бизнисот и од граѓаните и наместо да ги троши за капитални инвестиции, ќе се повикаат на краткото помнење на јавноста и ќе ги користат за поткуп за следните избори“, посочи тој.

Мицкоски истакна дека сликата која луѓето од ЕУ ја добиваат за Македонија е дека е земја разорана од поделби и неизвеснот, поради што оцени дека владата е делегитимирана и веќе падната.

Опозицискиот лидер најави дека неговата партија веќе има план за тоа како да ја започне економската обнова на земјата, а тоа, како што рече, граѓаните ќе го почуствуваат уште во првите 100 дена од новата влада.

„Доаѓа обнова на Македонија и економски бум, имаме најавени проекти од странски компании кои ќе ги претставиме во наредниот период, а ќе се реализираат во 100 дена од новата влада“, истакна тој.

Во продолжение интегрален текст од прес конференцијата

Мицкоски: Правиот пат на Заев завршува со бездна, назадување на „Дуинг бизнис и катастрофална реализација на буџетот

 

Почитувани присутни,

Почитувана македонска јавност,

Неуспешните политики на Зоран Заев и оваа арамиска влада не може да се игнорираат, ниту пак да се премолчат.

Суровата реалност и сиромаштијата имаат свои причини, и сите до една покажуваат дека оваа Влада не работи. Оваа влада уништува стандарди и носи лоши резултати. Нивната неуспешност удира по џебот на народот, носи несигурност и го уништува бизнисот. Уништува животи.

Македонија удира во ѕид кој е кренат од неуспесите на владата.

Тие неуспеси на владата на Заев се очекуван епилог на фактот дека НЕМА РЕФОРМИ!

Оваа влада НЕ ПРАВИ РЕФОРМИ, НЕ САКА ДА ПРАВИ РЕФОРМИ. И нема план за правење реформи.

Тоа е факт кој од ден на ден станува се појасен и поочигледен за секој граѓанин.

И ваквите неуспеси не се само мои зборови, туку тоа се факти кои ја сочинуваат за жал голата реалност. Фактот дека нема реформи го истакнаа и Европската унија, која тоа го гледа и знае, го кажува сега и врвната меѓународна финансиска институција Светската банка, го покажуваат и редица други параметри, бројки, показатели кои не можат да се сокријат.

  1. Првиот сегмент за кој ќе говорам е неуспехот нотиран од Светската Банка,

Имено ова реномирана финансиска институција во Извештајот кој го издава еднаш годишно, а насловен како „Дуинг бизнис“ потврдува дека годината која што според храбро искажаните зборови на почетокот на годината, од страна на премиерот Заев дека ќе биде економска година, се претвори во економско цунами т.е. економско фијаско. Имено нашата држава бележи назадување и тоа резултираше со пад од 7 места.

Уште пострашно е што во сите области кои се мерат и оценуваат од Светска Банка, Македонија бележи назадување.

Врвната светска финансиска институција Светска банка потврдува дека во Македонија нема реформи, не се подобруваат состојбите во економијата, не се даваат нови можности и шанси за економските субјекти и за граѓаните, не се олеснуваат процедурите. Светска Банка истакнува дека наместо напред, ние одиме назад!

Во најновиот Извештај на Светска Банка за водење на бизнис во 2020-тата година, како што кажав имаме пад од 7 места и сме рангирани на 17-тото место.

Тоа е точно назадување во однос на последниот извештај од 7 места кој што беше објавен за 19-тата година.

Македонија има сериозен пад во сите индикатори од извештајот. Вкупно се 10 индикатори и нашите резултати се лоши и загрижувачки. Патеката по која сме појдени со вакви резултати ќе не врати назад пред 10-тина години кога бевме во фаза на реализација на многубројни реформи, унапредувања на институциите и нивните политики за работа, со цел да се постигнат подобри услови за водење на бизнис во нашата држава.

Во однос на секој индикатор посебно во споредба со претходниот извештај за 2019-та година, ќе направиме една кратка компаративна анализа:

  • Имено, за индикаторот „Започнување бизнис“ имаме пад од 31 место и сега сме 78-ми во Светот. Порано компанија се отвораше за еден ден, а сега според Извештајот потребни се 15-тина дена.
  • За индикаторот „Градежни дозволи“ имаме пад 2 места и сега сме на 15-то место во Светот.
  • Индикаторот „Поврзување на електрична мрежа“ имаме пад од 11 места и сега сме 68-мо место.
  • Индикаторот „Регистрирање на имот“ имаме пад од 2 места, сега сме 48-мото место.
  • Индикаторот „Добивање кредит“ имаме пад од 13 места односно сега сме на 25 место во Светот.
  • Индикаторот „Заштита на малцински инвеститори“ имаме пад од 5 места и сега сме на 12 место во Светот.
  • За индикаторот „Плаќање на даноци“ влошена е состојбата и забележан е пад од 6 места на сега 37-мото место.
  • Исто како што имаме пад во индикаторот „Надворешна трговија“од 3 места и сега сме на 32-место во Светот
  • За „Спроведување на договори“ имаме пад е 10 места и сега сме на 47-мото место.

Речиси по сите 10 параметри имаме назадување замислете во годината која што требаше да биде економска година.

Ова не се само очигледни показатели дека земјата нема реформи и дека практично назадува. И јас сум загрижен што овие назадувања ги имаат негативно влијание и за идниот период во поглед на странските директни инвестиции. Кога сме кај странските директни инвестиции ќе ми дозволите една кратка анализа за првите 6 месеци од 2019-тата година бидејќи Владата е полна нели со оној збор блескаме и дека практично успеале да ги триплираат волуменот на странските инвестиции во Македонија. Но каква е реалноста? Во првите 6 месеци во Македонија се влезени вкупно 48 милиони евра директни странски инвестиции. Чисто како за споредба со останатите држави во регионот таксативно ќе наведам неколку примери.

Имено соседна Бугарија за истиот период имаат 341 милион. Чешката Република, 576. Унгарија, една милијарда и 100 милиони, државата за која што Зоран Заев велеше дека ние сме примерот за владеење на право. Тие имаат една милијарда и 100 милиони директни странски инвестиции, а ние примерот имаме 48 милиони. Црна Гора 227 милиони, Словенија 569 милиони и соседна Србија 1 милијарда и 400 милиони евра.

Тоа е отприлика она блескање односно неколкукратно зголемување на директните странски инвестиции во Македонија како резултат на политиките на сега веќе дуото Заев-Анѓушев, спредено со економските политики кои што ги имаат нашите соседни држави.

  1. Последниот, односно вториот би рекол сегмент кој што денеска на денешната прес конференција би сакал да го коментирам е катастрофалната реализација на капиталните инвестиции во Македонија. Со странските ја видовме ситуацијата таа е траорна, тажна односно би рекол катаклизмична бидејќи владее економско цунами кога станува збор за директните странски инвестиции. Но каква е сега состојбата со домашните инвестиции односно инвестициите кои што треба да ги менаџира и практично имплементира Владата.

Имено, реализацијата на капиталните инвестиции според последниот извештај за реализација на буџетот објавен денеска, заклучно со септември месец 2019-тата година, а споредено со буџетот кој што е планиран на почеток од оваа фискална година во бројка е нешто повеќе од 8.5 милијарди денари или тоа еднакво на 32.3 проценти од тоа што било планирано на почетокот на годината.

Доколку бројката се спореди со ребалансот кој што беше усвоен за Собранието тогаш таа е нешто поголема, а зошто нешто поголема, ќе кажам за некоја минута. Изнесува 37.63%. реков таа е нешто поголема бидејќи со ребалансот, поради неспособноста на оваа арамиска влада да спроведе, реализира проект скратени се 3.25 милијарди денари кои што беа предвидени на почетокот на годината, или нешто повеќе од 50 милиони евра, кои што на почетокот на годината беа предвидени за капитални инвестиции, кои што како што кажав, ќе повторам требаше да ги менаџираат и реализира владата. За да истите бидат вратени во останати тековни трошоци во буџетот и служат за тоа за кое што ние ја предупредивме македонската јавност дека бидејќи се неспособни да реализираат економски политики, парите кои што не знаат да ги потрошат,  ќе ги потрошат во обид за поткуп или да играат на картата на кратко помнење на граѓаните на Македонија.

Тоа е започнато и овие 50-тина милиони евра наместо на развој на државата сега служат за поткуп, односно за имплементирање на политиките на Зоран Заев.

Дека сме во право и дека ова што го кажуваме е вистина говорат уште два други параметри кои што се денеска дел од Извештајот за реализација на Буџетот заклучно со месецот септември 2019-тата година, а тие се следните два параметри:

Имено приходите во буџетот се на ниво од 70% од тоа што било планирано, додека пак расходите се на ниво 68% од тоа што било планирано на почетокот на годината. Имајќи предвид дека со ребалансот малку се нивелира односно околу за 5 милиони или негде околу 300 милиони денари се нивелираа расходите и приходите. Околу 5 милиони евра. Можеме да констатираме процентот дека и со ребалансот и со оној кој што беше предвиден на почетокот на годината тие се на исто ниво.

Со други зборови државата ги собира парите од бизнисот и граѓаните, наместо да ги троши за капитални расходи, наместо да ја развива државата тие ги трошат за останати трансфери и се обидуваат да играат на кратко помнење, па со определени политики кои што се темелат на поткуп, да обезбедат гласови за следните предвремени парламентарни избори, кои што ќе се случат во Македонија.

Почитувани,

Како можеме да кажеме дека Македонија блеска кога НЕМА РЕФОРМИ, кога има индикатори со кои земјата драматично го загрозува своето место на листата на „Дуинг  Бизнис“ кој што го објавува најроменираната можеби светска финансиска институција Светската Банка. Кога нема капитални инвестиции, кога народот гладува, кога индустријата тоне. Нема напредок во земја во која што има влада без концепт, без визија, без стабилност во политиките. Не се дава слобода и простор, и шанса за фирмите и бизнисите да одат напред, економската заедница е притисната и се гуши, не и се исполнуваат барањата, игнорирани се комплетно.

И сето ова надоврзано со огромното ниво на криминал и корупција, со функционери кои рекетираат, со народ кој буквално гладува.

Сликата која луѓето од Европа и Светот ја добиваат за Македонија е слика за земја која е разорана со поделби, сиромаштија и назадување. И тоа е нешто што мораме да го промениме. Треба да бидеме искрени едни со други и да си признаеме дека вака повеќе не оди и нема да биде подобро, затоа што искуството со оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ тоа го докажува.

Почитувани,

Овие показатели кажуваат дека имаме назадувања, а реформи нема. Нивниот прав пат завршува во провалија. Ова е најдобар показател дека владата не ја бива, дека не работи и дека нема да направи подобрувања. Логичен резултат на таа нивна квази владина политика е падот кој им се случи деновиве. Во сите овие лоши вести има една добра, а тоа е дека оваа влада која што ја предводи Зоран Заев е делигитимирана и веќе падна. И би додал, падна и за среќа на граѓаните и на нашата држава нема да се врати.

Доаѓа обнова на Македонија, со сериозен план и стратегија за економски бум. За тој економски бум имаме и конкретни позиции и веќе извесни сериозни, сериозни капитални проекти и инвестиции на светски реномирани компании кои ќе ги претставиме во периодот кој следи, а особено ќе бидат дел во нашата програма. И тој економски бум кој ќе го донесе новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се почувствува веќе во првите 100 дена од нејзиното формирање. Јас зад овој збор стојам и гарантирам дека сето она кое што го говориме ќе се реализира.

 

 

Треба да знаете
Последни објави