На 26 октомври, сабота, со почеток во 18 часот, во четвртата сала на Музејот на современа уметност во Скопје предавање ќе одржи Стеларк. Предавањето е насловено „Контигентни и дискуталбилни иднини: од физичко до фантомско тело“. Како дел од неговото предавање Стеларк визуелно ќе прикаже дел од неговите проекти.
Стеларк е еден од најзначајните уметници во светот кој работи во сферата на технологијата и визуелната уметност. Тој е перформативен уметник кој визуелно го преиспитува и акустично надоградува своето тело. Преку користење различни медицински инструменти, протези, роботика, системи за виртуелна реалност, интернет и биотехнологија произведува нивни непосредни и спонтани поврзувања со самото тело. Во оваа насока, Стеларк прави истражувања на „алтернативни анатомски архитектури“, кои подразбираат зголемувања и издолжувања на различни телесни конструкции.
Стеларк ги има изведено перформансите Трета дланка, Продолжена рака, Виртуелна рака, Стомачна скулптура и Екоскелт, како и Робот со шест нозе. Неговите перформанси, Фрактално месо, Звучно тело и Паразит се однесуваат на спонтани, управувани од дистанца разнообразни движења на телото преку електрична стимулација на мускулите. Делото Протетичка глава е телесна направа, која зборува и одговара на прашања од соговорник. Конечно, Стеларк хируршки конструира Трето уво на неговата рака со цел истото да биде поврзано и оспособено како акустичен орган за комуникација.