Српскиот претседател Александар Вучиќ денес го посети Командниот центар на воената вежба „Словенски штит 2019″, како и руските системи за противвоздушна одбрана (ПВО) инсталирани на аеродромот Батајница, вклучувајќи ги и ракетите С-400 и Панцир, што Русија за прв пат ги испраќа на некоја воена вежба во странство.
Како што јави дописникот на МИА, за време на обиколката на системите С-400 „триумф” и Панцир, кои вчера беа пренесени во Србија, Вучиќ рече дека „не видел вакво нешто” и дека тоа е „страотно оружје”.
-Кога луѓето ќе прашаат дали би ги сакале, ние би сакале во овој момент, единствено ако Русија ни ги остави. Ние поинаку не би можеле да си ги дозволиме, кажа Вучиќ.
Тој истакна дека овие системи гарантираат „безбедност и сигурност”.
-Србија драстично ги зајакнува своите воени способности, иако е мала земја, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија „не е доволно силна, но е посилна од тоа што беше”.
Тој потсети дека Србија нарачала еден ракетен систем „Панцир” за кој процени дека е „фантастичен”.
-Тој ги таргетира сите летачки објекти, особено беспилотните летала и ракетите. Тој може да види сè на оддалеченост од 80 километри, радарот тешко може да се залаже и имаат разновиден пристап. Нашите луѓе се задоволни, се обучуваат, рече Вучиќ.
На територијата на Србија, на подрачјето на аеродромот во Батајница и кај полигонот „Пасуљaнски Ливади”, од вчера се одржува заедничка тактичка воена вежба на ракетните единици за ПВО на вооружените сили на српските и руските вооружени сили „Словенски штит 2019″.
За време на вежбата се користат ракетните системи С-400 “триумф”, артилериско- ракетниот систем Панцир-С, радари и друга воена и специјална техника, а се прикажува и ефектот на ракетниот систем на ПВО-Бук со среден дострел, како и ракетните системи С-300ПС со голем дострел и С-300PM2.
За време на вежбите „Словенски штит-2019″ се разработуваат прашања за интеракција и заедничко борбено користење на единиците за воздушна одбрана на Русија и Србија.