Одборот за безбедност на сообраќајот на Индонезија го објави конечниот извештај за авионската несреќа што се случи минатата година, а во која загинаа 189 патници и членови на екипажот. Истрагата открила дека авионот на компанијата „Лајонер“ паднал поради комбинација на пропусти во конструкцијата на авионот, проблеми со обуката на екипажот и неадекватно одржување на авионот.
Во извештајот се наведува дека „боингот“ на летот од главниот град на Индонезија, Џакарта, до островот Суматра, изгубил висина затоа што на пилотите не им било кажано колку бргу мора да реагираат во случај на дефект на автоматизираниот систем за контрола на летот на моделот „737 макс“.
Авионот падна во Јаванското Море, само една минутиа по полетувањето на 29 октомври 2018 година.
Одборот навел дека автоматизираниот систем за управување МЦАС се водел од само еден сензор за движењето на носот на леталото, а пред несреќата тој сензор на екипажот му испраќал погрешни информации, автоматски бутајќи го носот на авионот надолу.
Извештајот идентификувал и разни погрешни потези на екипажот пред падот.
Претседателот и директор на „Боинг“, Денис Мојленбург, рекол дека компанијата ги разгледува препораките на Одборот и работи на зголемување на безбедноста на авионите од серијата „737 макс“ за да спречи во иднина да се повторат условите за управување со леталото кои се случиле пред оваа несреќа.
Тој рекол дека тој модел на авион и неговиот софтвер се под надзор на властите, испитувања и анализи кои се без преседан во светот. Тоа опфаќа стотина сесии симулирани летови и пробни летови на самите авиони, регулаторни анализи на илјадници документи, други анализи на властите и независни експерти, како и опсежни барања за сертификација.
Во март годинава, авион од истиот модел на „Боинг“ се урна во Етиопија при шти загинаа 157 луѓе.