Овој четврток во Филхармонија (31.10) го слушаме исклучителниот виолончелист Николас Алштед, кој ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од Мјачеслав Вајнберг. Со оркестарот ќе диригира Ален Бурибајев од Казахстан, а на програмата е и антологиското дело на Барток – „Чудесниот Мандарин“.
Германскиот виолончелист Николас Алштед е еден од најбараните инструменталисти на светската музичка сцена. Настапува како солист и диригент, а неговиот репертоар е широк и опфаќа дела од сите музички епохи. Свирел со врвни светски оркестари и соработувал со диригенти како Ека Пека Салонен, сер Невил Маринер, Владимир Ашкенази, Густаво Дудамел… Алштед е исклучителен виолончелист кој има индивидуален и препознатлив начин на изведба, а пред македонската публика ќе се претстави со Концертот за виолончело и оркестар од Вајнберг, антиформалистичко дело кое било затворено во фиоката на композиторот до смртта на Сталин.
На програмата е и „Чудесниот Мандарин“ од Бела Барток, музика од истоимениот пантомима-балет кој унгарскиот композитор го напишал меѓу 1918 и 1924 година. Станува збор за исклучително дело кое има поинаков призвук, атмосфера на „конкретна џунга“ како што напишал Барток на самата партитура.
Билетите се веќе достапни и можат да се набават на билетарница на Филхармонијата, да се резервираат на тел: 02 / 3238 182, да се купат онлајн на веб-страницатa www.filharmonija.mk.