Самер Зервос, републиканка која го обвини Доналд Трамп за сексуален напад во 2007 година, вчера презентираше нови информации во поднескок до судот за да ги потврди своите претходни тврдења, пренесе Си-ен-ен.
Адвокатката Маријан Ванг изјави дека Зервос за наводниот сексуален напад од страна на Трамп веднаш раскажала на членовите на семејството и блиските пријатели. Потоа, во 2011 година, таа се обратила до голем број адвокати и превници, меѓу кои и Глорија Алерд, пишува Ванг во поднесокот.
Во него се приложува и електронска пошта до „Фокс њуз“ од 9. август 2015 година. Во неа, Зервос пишува за несоодветното однесување на Трамп.
„Бев во реалното шоу ‘Приправник’. По завршувањето на шоуто, Трамп ме покани во хотелска соба под маска на понуда за работа. Но, тој имаше друга агенда. Ве молам, контактирајте со мене“, напиша во пораката до телевизискиот канал.
Самер Зервос на прес-конференција во 2016 година изјави дека Трамп се обидувал да ја наведе да легне во кревет со него, кога се состанале за да разговараат за евентуално вработување.
„Тој ме замоли да седнам до него и послушав. Потоа ме грабна и почна агресивно да ме бакнува и ја стави раката на моите гради“, објасни во таа прилика Зервос.
Трамп во 2016 година, луто ги отфрли обвинувањата на голем број жени против него, со образложение дека тие жени се болни, а обвиненијата фабрикувани.
Зервос исто така тврди дека има докази оти заедно со Трамп биле во ист хотел истиот ден, што пак категорично е демантирано од канцеларијата на Трамп.