Загадувањето на воздухот во Србија алармантно

Воздухот во повеќе градови во Србија во изминатите денови е енормно загаден и покрај топлото време, пренесуваат српските медиуми. Лекарите апелираат луѓето со распираторни и кардиоваскуларни проблеми да не излегуваат од дома од 8 до 18 часот. Имајќи предвид дека грејната сезона сè уште не е почната и дека домаќинствата и топланите се едни од најголемите загадувачи во Србија, се поставува прашањето каков воздух ќе дишат граѓаните кога зимата навистина ќе почне, пишува српскиот весник „Блиц“. Во Ваљево, кој е еден од најзагадените српски градови, без оглед на топлите денови, веќе сега тешко се дише, а мерењето на квалитетот на воздухот во изминатите седум дена покажало дека воздухот е загаден на ниво од 4. категорија.

„Ова ги загрозува пациентите со распираторни и кардиваскуларни болести. Кога во текот на зимата загадувањето ќе биде уште повисоко, ќе бидат загрозени и останатите ранливи категории, како што се децата и трудниците. Поради тоа, во периодот кога загадувањето е на највисоко ниво, а тоа е од 8 до 18 часот, загрозените треба да избегнуваат да излегуваат надвор, да ја намалат физичката активност и да поминуваат повеќе време во домашни услови“, рекол онкологот Зоран Живковиќ, претседател на врањскиот Совет за здравје за „Блиц“.

Тој потсетил дека во Србија поради загадувањето на воздухот годишно прерано умираат 5.400 луѓе.

Живковиќ појаснил дека при вдишувањето на ПМ10-честичките, кои го скратуваат здивот, срцето се напрега за да го компензира намаленото внесување на кислород и притоа се исцрпува. На тој начин, покрај болести на белите дробови, честичките доведуваат и до срцев и мозочен удар и може да се сметаат за причинители на изненадна смрт од срцев удар. Во средата е регистрирано рекордно загадување во Србија – 223 ПМ10-честички на метар кубен измерени на мерната станица во Панчево во три часот наутро. Во 7 часот, пак, во Нов Белград, биле измерени 167 ПМ10-честички на метар кубен. На веб-страницата Air visual, која се занимава со мерење на загадувањето во цел свет, Белград пред два дена бил означен како четврти град со најзагаден воздух во светот.

Треба да знаете
Последни објави