Без надеж за иднина во ЕУ, плановите за Голема Албанија повторно ќе добијат замав, што не само што ќе ги опфати Албанија и Косово, туку и Северна Македонија, која има големо албанско малцинство, пишува германскиот весник „Зидојче цајтунг“, по повод одбивањето на Франција и уште неколку други земји да почнат пристапни преговори со Скопје и Тирана.
Во написот под наслов „Разочарани“, весникот наведува дека и во Босна и Херцеговина може да се засилат центрифугалните сили меѓу Србите, Хрватите и Бошњаците, пренесува агенцијата „Танјуг“.
„Ако на Балканот исчезне вербата за пристапување во ЕУ, се заканува враќање на национализмот и, во најлош случај, поттикнување на старите конфликти. На крајот на краиштата, европската перспектива е, на пример, голема мотивација за Србија и Косово да постигнат договор“, пишува германскиот весник.
Текстот потсетува и на изјавата на рускиот премиер Дмитри Медведев, дадена за време на неговата посетата на Белград дека земјите од регионот не треба да бидат присилени да бираат меѓу Запад и Исток.
Весникот го толкува тоа како понуда за блиски врски со Русија како алтернатива на Европската Унија и потсетува дека Турција и Кина се борат за влијание во регионот со инвестиции вредни повеќе милијарди евра.