На министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во седиштето на Алијансата во Брисел и беа презентирани просториите каде што ќе биде сместена мисијата на нашата држава, како полноправна членка.
– Денеска имав прилика да бидам првиот претставник на нашата Влада кој што влезе во просториите кои НАТО – Алијансата ги подготви за својата 30. членка. Тоа покажува дека сите наши подготовки течат според планот и тоа покажува дека сме добредојдени во најмоќниот воено – политички сојуз, рекла министерката Шекеринска, соопшти денеска МО.
Шекеринска нагласила дека на средбите со министрите за одбрана на сите земји – членки на Алијансата во текот на дводневните состаноци можело да се слушне истата порака – очекувањето Северна Македонија што поскоро да стане полноправен член на НАТО што е вистинскиот чекор во вистинско време.
На сесијата на Северноатлантскиот совет, стои во соопштението, министерката Шекеринска упатила порака дека планот за одвојување на два проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година се реализира и оти во 2020 година следува уште едно зголемување на одбранбениот буџет.
– Република Северна Македонија е сериозен партнер кој што го испорачува тоа што ќе го најави и тоа што ќе го вети. Две години по ред го зголемувавме издвојувањето за одбраната и следната година, исто така, обезбедивме повисок буџет за нашата одбрана и за нашата Армија. На тој начин ќе имаме поголема безбедност, на тој начин ќе бидеме прифатени како земја чиј што збор навистина важи. Ние сме НАТО и навистина во следните месеци очекуваме остварување на овој стратешки сон и цел на неколку генерации, посочила министерката.
На сесијата посветена на мисијата „Одлучна поддршка”, Шекеринска потенцирала дека земјата останува посветена на демократизацијата, безбедноста и мирот во Авганистан и оти припадниците на Армијата ќе продолжат да придонесуваат во оваа мисија во која учествуваме од самиот почеток на првата НАТО – мисија, ИСАФ, во 2002 година.
На маргините на Северноатлантскиот совет, продолжиле билатералните средби со министрите од земјите – членки на Алијансата. Денеска, соопшти МО, министерката Шекеринска се сретнала и со италијанскиот министер за одбрана, Лоренцо Гуерини, како и со министерот за одбрана на Австрија, Томас Старлингер.
На средбата со својот италијански колега, министерката Шекеринска се заблагодарила за постојаната поддршка во исполнувањето на двете стратешки цели – членството во НАТО и во Европската Унија. Додала дека местото на Западниот Балкан е во Унијата и за тоа нема алтернатива. Министерот Гуерини истакнал дека Италија жали за заклучоците на Советот на Унијата, што е причина и за италијанската иницијатива да се надмине оваа грешка и да започнат преговорите.
– Република Северна Македонија од консумент стана извозник на безбедноста, рекол Гуерини на средбата.
Со австрискиот министер за одбрана, Старлингер, министерката Шекеринска разговарала за билатералната одбранбена соработка, како и за потребата од отворање на пристапните преговори со Унијата, процес кој доби силна поддршка од австриското претседателство со ЕУ во втората половина на минатата година.