Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, денеска се сретна со италијанскиот Амбасадор, Карло Ромео, со кој дискутираа за политичката ситуација во земјава и регионот, одлуката на Советот на Европската Унија и предвремените избори.
Ахмети, како што соопшти ДУИ, истакнал дека неговата партија инсистира предвремените избори да не го нарушат процесот за членство во НАТО и затоа предложил тие да се одржат на пролет, а не во декември или јануари.
-Ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО во нашето Собрание не треба да се стави под знак прашалник, затоа што нашето членство во Североатланската Алијанса е апсолутен приоритет на ДУИ, Албанците и на сите граѓани, рекол Ахмети на средбата.
Тој и заблагодарил на Италија за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, поддршката за добивање на датум за започнување на преговори, како и за силните пораки за поддршка на нашиот регион.
Ахмети истакнал дека ДУИ ќе ги продолжи напорите за реформи и во претстојниот период, ангажирајќи се за консензуална интеграција, неселективна правда, ветинг и транспаренстност во јавната дејност, за поквалитетен живот, за работни места и за доближување на стандардите со тие на Европската Унија, за да им овозможи на младите да ја изградат иднината во нивната земја.