Десетгодишно момче од Шкотска кое им помогна на службите да ја спасат мајка му која паднала во бездна при планинарска прошетка заслужува медал, сметаат спасувачите кои учествувале во акцијата.
Службата за спасување на планината Обан ги пофали постапките на момчето кое, по сериозниот пад на мајка му, успеало да стигне до неа и да внимава на неа сè додека не пристигнала помошта.
Момчето, неговите родители и уште две други деца, на возраст од пет и девет години, направиле погрешно свртување додека во понеделникот се спуштале од планината висока околу 1.000 метри и завршиле на многу стрмен терен, пренесува „Гардијан“.
Мајката во еден момент паднала во бездна. Нејзиниот син успеал да се спушти кон неа и го искористил својот мобилен телефон за да повика помош.
Службата за спасување на планината Обан го пофалила малиот херој на својата страница на „Фејсбук“.
„Момчето цело време разговарало со неговата мајка, уверувајќи ја дека помошта доаѓа и се обидувало да ја задржи во свесна состојба. Ни требаа околу 30 минути да дојдеме до местото на несреќата и да поставиме основен безбедносен систем. Сето ова време, момчето разговараше со неговата мајка“, пишува спасувачката служба.
Спасувачите со хеликоптер ја пренеле мајката на момчето во болница во Глазгов. Лекарите велат дека таа добро се опоравува.
„Ова храбро момче треба да добие медал или награда за она што го стори. Тешко било да дојде до мајка си и да се грижи за неа, да разговара со полицијата и да остане смирен. Тој едноставно бил неверојатен“, велат од спасувачката служба.