Не гледам причина и повод земјоделците утре да излезат на протести пред Владата, бидејќи цело време заедно со нив ги планиравме интервентните мерки што ги воведовме и секогаш беа информирани кога точно може да ја очекуваат исплатата и од каде ќе стигнат исплатите, но тоа е нивно право, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и ја обвнини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад највениот протест.
-Вчерашната исплата што ја направивме кон оризопроизводителите и денешната кон сточарите за предадено млеко не се во насока да ги смириме, бидејќи беше неопходен период за да стане оперативен ребалансот за измените што ги направивме во програмата за финансиска поддршка, како и за административната подготовка од страна на Платежната агенција, рече министерот Димковски во одговор на прашање на денешната прес-конференција. Тој нагласи дека ова остава „мирис и на политичка запршка во која се става некој зачин„ само за да се долее нешто за предвремените парламентарни избори кои се закажани за 12 април следната година.
-ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со јавна поддршка на протестот, но од аудио снимките можевме да слушнеме дека се и негови организатори. Ние ќе продолжиме со исплатата и коректната комуникација со сите кои побараа средба и со кои имавме состаноци во МЗШВ. Во континуитет разговараме и во зависност од тоа каква гранка и каков сектор преставуваат земјоделците со кои разговараме ги слушаме нивните барања, ги прилагодуваме и некогаш заеднички договараме како ќе изгледа мерката, рече Димковски.
Целта на МЗШВ, потенцира, е да го задржи земјоделството на рамништето што веќе го има во ваквите економски услови, а очекуваме, додаде, и брз развој со користење на националните и европските фондови, но и со кредитни линии кои ќе влегуваат како капитални исвестиции. Најави дека од следната година на располагање ќе бидат 80 милиони евра од КфВ банката за четири капитални инвестиции за наводување со кои се очекува за дополнителни 30 илјади хектари да се зголеми фондот на земјиштето под наводнување.
Повеќе земјоделски здруженија за утре најавија протсет во Скопје. Протестот, според најавите, ќе почна напладне пред поранешен Скопски саем од каде пешки ќе се упатат до Владата.