Одлуката на европските лидери да не отворат преговори за пристапување со Северна Македонија и со Албанија, како и најавата за предвремени парламентарни избори во земјава, отвори дилеми за можното влијание што тоа ќе го има врз спроведувањето на договорите со Грција и со Бугарија. Властите во Скопје тврдат дека имплементацијата на договорите ќе продолжи, опозицијата дека кога ќе дојде нејзиното време ќе се обиде да ги поправи, Брисел очекува да се почитуваат, а Атина и Софија засега се воздржани.
Политичките аналитичари за МИА оценуваат дека спроведувањето на договорите ќе биде во сенка на одлуката за недоделување датум за преговори и на изборите, но со различни гледања по исходот и отстапките што Северна Македонија е подготвена да ги направи.
Амбасадорот и шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, Ѓорѓи Филипов, во изјава за МИА оценува дека предвремените избори во земјава, предизвикани од недобивањето датум за почнување на преговорите со ЕУ, ќе имаат влијание на спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија. Влијанието ќе биде двојно, односно ќе има временска и квалитативна компонента, но, сепак, вели, не очекува тие да бидат поништени.
– Сметам дека ниту еден од договорите нема да биде поништен од ниту една од страните зашто тоа ќе доведе до нарушување на кредибилитетот на која и да било од нив и наполно нарушување на добрососедските односи, што значи враќање на почетната точка на прашањето за нашите евроатлантски интеграции, оценува амбасадорот Филипов.
Во однос на билатералниот договор со Бугарија, каде постојат спротивставени ставови по одредени прашања од историски, политички и социолошки карактер, значи од категории во кои научните и искуствените аргументи на двете страни се претежно од квалитативен карактер, што го диригира природата на науките (општествени науки, подлежни на моментално политичко расположение во државите од каде што доаѓаат експертите од соодветните области), посочува Филипов, можно е да дојде до забавување доколку некој од политичките чинители побара одложување или запирање на работата на експертската група сè до реализацијата на новите избори. Тоа, оценува, не е препорачливо бидејќи и онака самите експерти имаат тешкотии во наоѓањето заеднички формулации што треба да ги задоволат двете преговарачки страни. За поздравување е, додава, чинот што бугарската влада (премиерот Бојко Борисов) и голем дел бугарски интелектуалци благонаклоно гледаат и ги помагаат напорите за зачленување на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ.
Кога станува збор за Конечната спогодба Република Северна Македонија – Хеленска Република, која не е билатерален договор, туку во него има и трет потписник, специјален пратеник на Советот за безбедност на ОН и олеснувач на разговорите, таму е можен извесен временски застој поради промената на власта во Грција (промена на експертите што разговараат за историските и образовните теми) и евентуална промена на експертите во македонскиот тим, доколку не ја заврши работата тој комитет. Нешто слично, вели, можно е да се случи и во експертските тимови што ја сочинуваат Меѓународната група експерти (МГЕ) за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, што досега, посочува, не се случило.
– Во МГЕ не постојат одредени пречки што се евидентни кога се разговара за историја, зашто се работи за правни категории (трговски марки и географски називи), спорови за кои постои добра меѓународна практика и одлична правна регулатива во ЕУ и во светот. И грчкото и македонското законодавство од областа се наполно усогласени со европските директиви. Дополнително, се работи за разговор за приватна сопственост каде што главен збор водат деловните заедници, а Меѓународната група е тука во улога на олеснувач и советодавец и толкувач, а никако судија или арбитер: овде постои и подолг временски рок на располагање (три години од создавањето на групата (18 јуни 2019), со прв состанок одржан на 22 јуни 2019). Тоа значи дека на Конечната спогодба меѓу Скопје и Атина, предвремените избори ќе имаат помало влијание, оценува амбасадорот Филипов.
За извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, „(не)очекуваната одлука на ЕУ за повторно одложување на почетокот на преговорите за членство на Македонија во Унијата, како и последователното закажување на изборите во април, во најмала рака, ќе го забават, ако не и целосно запрат спроведувањето на договорите со Бугарија и со Грција”.
– Иако Владата веќе изрази посветеност кон двата договора и најави продолжување на одреден број постапки што се во тек, а произлегуваат од договорите, сепак, поверојатно е дека поголем дел од тие обврски ќе се „на пауза” за одреден период, меѓу другото и поради фокусот на изборните кампањи што ќе започнат наскоро, иако неофицијално, зашто законски не смеат да се водат до 20 дена пред изборниот ден. Уште повеќе, самата одлука на ЕУ налага преиспитување на нашиот однос кон евроинтеграциите и допрва градење национален консензус за принципите по кои сакаме да станеме дел од Унијата, истакнува Кржаловски.
Имено, иако членството во ЕУ од осамостојувањето беше и сè уште е стратегиска цел на сите досегашни влади, како и на големото мнозинство наши граѓани, сега, вели тој, се поставува прашањето што сè ќе се бара за наше членство и по сите овие направени отстапки со двата договори. Дополнително, додава, Бугарија веќе излезе со нова декларација за условите за членство, кои всушност налагаат нови „попуштања” од наша страна и излегуваат поприлично вон рамките на Договорот за добрососедство или барем нашите разбирања на договорот. Грција (со новата Влада) очекува допрва да се појави со такви дополнителни барања (ако воопшто стигнеме до точка на отворање на преговорите). Тоа, посочува, ќе не стави во прилично непријатна позиција на дополнително „проголтување на достоинството” или, пак, нова перципирана „непопустливост” како одговор на ваквите барања.
– Министерот Димитров веќе даде одлична изјава по повод бугарската декларација, во која внимателно ја смири топката и укажа на потребата да не се руши тоа што веќе е изградено со Договорот, но истакна и дека ни е многу важно тоа што сме македонски народ и го говориме македонскиот јазик, поставувајќи на некој начин наши црвени линии во оваа ситуација. Тоа (барем за јазикот е експлицитно) е во директна спротивност со Декларацијата на Бугарија, па е прашање како ќе се реши. Знаеме како ги решивме претходните спорови – со наше попуштање, но до кога би можеле така… и на крајот, сите си се запрашуваме – па дали вреди толку таа Европска Унија за евентуални наши понижувања, вели Кржаловски.
Премиерот Зоран Заев деновиве изрази увереност дека договорите со Грција и со Бугарија ќе бидат целосно имплементирани.
– Договорите се билатерални и се важни за нашата земја и за Грција и за Бугарија. Мониторингот со забелешките на имплементацијата треба да стигне до крајот на месецот. Верувам дека 100-процентно ќе ги имплементираме догорите, бидејќи тоа е на ниво на закон, рече Заев.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, во врска со договорите со Грција и со Бугарија, очекува тие да бидат почитувани и од опозицијата, бидејќи, вели, станува збор за меѓународни договори, кои мора да се почитуваат, а изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен шеф на дипломатијата Антонио Милошоски дадена за „Франкфуртер алгемајне цајтунг” дека неговата партија размислува да го врати уставното име ако дојде на власт, оценувајќи дека проширувањето е клинички мртво, ја коментира во изборен контекст, бидејќи нема потврда дека тоа е и официјален став на таа партија.
– Мислам дека треба работите да се остават на својата вистинска насока и да не драматизираме за таков напис. Во однос на гаранциите што беа дадени од страна на опозицијата, како впрочем и на поранешната грчка опозиција е според лат. збор Pacta sunt servanda („договорите треба да се почитуваат”). Јас сум сигурен дека еден поранешен министер за надворешни работи не може да излезе надвор од оваа линија, освен само кога станува збор за изборен контекст во рамки на кампања, вели Тимоние, коментирајќи ја изјавата на Милошоски.