Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Прага вечерва се одржа промоција на здружението на Македонците во Чешка „Везилка”.
На свеченоста присуствуваа голем број Македонци кои живеат и работат во Чешката Република, а свое обраќање имаа министерот во Владата на Северна Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми и министерот-советник, вршител на работите во Амбасадата во Прага, Орце Џалески.
Основач на здружението „Везилка” е Слободанка Сандева која над 20 години живее и работи во Чешка. Таа во изминатиот период во Прага има одржано голем број детски работилници за здрав начин на исхрана, повеќе манифестации за здрава храна, од кои една и во Скопје, а неодамна дошла на идеја и да им овозможи на Македонците во Чешка повеќе културни и едукативни програми, кои ќе придонесат за почесто и поголемо дружење меѓу нив.
Министерот Адеми изјави дека ова е прво здружение по подолго време кое се формира во Чешка и во себе го носи сето она што значи македонска култура, македонски јазик и традиција. Тој изрази задоволство поради името на здружението „Везилка”, кое го носи според насловот на една од најпознатите песни на македонскиот поет и академик Блаже Конески.
Тој истакна дека во март оваа година Владата на Северна Македонија ја усвои првата државна национална стратегија за соработка со дијаспората, што е прв таков документ од независноста до денес.
– Во самата стратегија се вклучени огромен број институции, меѓу кои и Министерството за култура и Министерството за образование, кои придонесоа за подготовка на тој документ, експерти од странство и од Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Република Северна Македонија, во споредба со бројот на населението кое живее во неа, се смета за една од земјите со голема дијаспора. Оваа година се поддржани 74 проекти низ цел свет во вредност од 100.000 евра на здруженија и асоцијации кои промовираат македонска култура и јазик, различни активности и се надевам дека на следниот конкурс ќе ја видам „Везилка” со проект, нагласи Адеми.
Министерот-советник, вршител на работите во Амбасадата во Прага, Орце Џалески, кој е на оваа функција е од 1 мај 2018 година, на прашањето дали дипломатското претставништво се соочува со некакви проблеми кои ги мачат Македонците во Чешка, изјави за МИА дека дел од работењето на секоја амбасада вклучува и заштита на правата и интересите на граѓаните од државата која ја претставуваме доколку имаат некакви проблеми во земјата каде што се доселиле.
– Обично тоа го работи конзуларна служба. Нормално е дека сме имале жалби и барања, но ние сме тука да ги решаваме. За среќа немало некои премногу комплицирани проблеми и досега сме успевале во најголем дел да им излеземе в пресрет и да им помогнеме на нашите државјани кои живеат во Чешка, истакна Џалески.
Тој искрено се надева дека Амбасадата ќе воспостави добра комуникација со здружението Везилка, отворени се за соработка и подготвени да ги слушнат нивните идеи и планови, со цел да се овозможи проектите да се реализираат.
– Ќе понудиме дури и конкретна помош, не само просторна, туку и финансиска во рамки на нашите можности. Ние како Амбасада остануваме отворени за сите проекти кои опфаќаат негување и зачувување на македонскиот јазик, традиција, со еден збор да се јакнат врските меѓу дијаспората и матичната земја, додаде Џалески за МИА.
Меѓу присутните беше и Христина Ѓоргиевска, која речиси 23 години живее и работи во Прага како мејк ап стилист и е почитувана и афирмирана во својата професија. Таа истакна дека во Чешка е прифатена одлично и тука се чувствува буквално како дома. Ѓоргиевска, која веќе има двојно државјанство, нагласи дека досега ниту побарала, ниту имала потреба од каква била помош од матичната земја, бидејќи како што вели „нејзиниот живот се одвива исклучително од сопствениот труд”.