Руски орел чие движење научниците го следеле преку GPS околувратник, одлетал надвор од земјата, во роаминг зона, и направил огромна сметка.
Степскиот орел по име Мин, кој бил опремен со уред што преку текстуални пораки испраќал координати до истражувачите, одлетал во Казахстан, на 5.600 километри оддалеченост, од каде уредот прикачен на него испратил стотици текстуални пораки, кои подоцна биле наплатени по роаминг тарифа.
Мин, како што пренесува агенцијата „Танјуг“, најпрво летал во област која немала покриеност со сигнал, поради што сите пораки кои требало да се испратат во тој период биле зачувани за да бидат испратат подоцна, кога ќе има сигнал.
Меѓутоа, орелот прелетал скоро 5.600 километри и кога во Казахстан влегол на територија со мобилна покриеност, биле испратени сите заостанати пораки.
Според една од истражувачите, Елена Шнајдер, од таму пристигнале стотина скапи пораки, а сметката на крајот била неколку десетици илјади рубли.
Инаку, научниците од рускиот центар за рехабилитација на дивиот животно во Новосибирск постојано надгледуваат 13 птици.