Британската полиција бара помош од припадниците на виетнамската заедница во таа земја и во странство за да ги идентификува телата на 39 лица пронајдени во камионот со приколка-ладилник во Есекс, изјави денеска главниот инспектор, Мартин Пасмор.
Говорејќи пред новинарите, Пасмор рече оти не може да исклучи дека меѓу жртвите има припадници и на други националности, но кажа дека неговите службеници најмногу контактираат со Виетнамците, кои се загрижени дека меѓу жртвите има нивни пријатели и роднини, пренесе „Ројтерс“.
„Иако не можеме да шпекулираме за националноста на жртвите, на сите им е јасно дека во врска со настанот имаме голем ангажман од виетнамското население од земјава и од странство“, нагласи Пасмор.
Се повеќе и повеќе Виетнамци стравуваат дека нивни роднини се меѓу 39-те лица кои беа пронајдени во проколката-ладилник на камион откриен во Есекс, Велика Британија.
Британската полиција најпрво соопшти дека жртвите веројатно се Кинези, но подоцна се покажа дека тоа било само претпоставка, потсетува агенцијата АП.