Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера денеска побара реконструкција на владата во обид да ги смири демонстрантите, кои веќе една недела протестираат против нееднаквоста во оваа јужноамериканска земја.
„Ги предупредив сите мои министри да го реконструираат новиот кабинет и да се соочат со овие нови барања“, им рече Пињера на новинарите, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Тој ова го соопшти по масовниот, но мирен протест, за време на кој синоќа еден милион Чилеанци излегоа на улиците на главниот град Сантијаго барајќи реформи на економскиот модел на земјата.
Протестите започнаа кон средината на месецов поради порастот на цената на билетите за метрото во главниот град. Станува збор за најразвиената метро мрежа во Јужна Америка, која превезува околу три милиони патници дневно.
Од почетокот на протестите загинаа 16 луѓе, а стотици се повредени.