Либанските демонстранти денеска повторно блокираа патишта во Бејрут и надвор од него, лежејќи на улиците зад барикадите за да ги спречат обидите на безбедносните сили да ги тргнат од патот.
На десеттиот ден од масовните протести, демонстрантите продолжија со граѓанска непослушност, одново повикувајќи ја владата да си даде оставка.
Демонстрациите започнаа на 17 октомври, поттикнати од планот на владата за воведување нови даноци, меѓудругото и на повици преку апликацијата „Вацап“ (WhatsApp), но набрзо се претворија во општ револт против целата политичка елита, за која многумина сметаат дека е корумпирана и некомпетентна.
Полицијата се обидела да ги одвлече демонстрантите од патот, тегнејќи ги за нозе и раце, но нема извештаи за апсења или повредени.
На еден пат, оклопно возило се приближило на неколку метри од демонстрантите кои лежеле на земја, но потоа се повлекло.
Десетдневните протести ја парализираа земјата со економија пред колапс, за која демонстрантите ги обвинија политичките елити на власт од крајот на граѓанската војна, која траеше од 1975 до 1990 година.