Воопшто нема сомнеж дека брегзитот е стратегиска катастрофа за Европската Унија. Но малку луѓе се чини дека разбираат дека ЕУ се движи кон друга стратегиска катастрофа – овој пат на Балканот, вели Карл Билд во колумна за Вашингтон пост.
Минатата недела Франција стави вето на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија, спротивно на постојаните препораки од Европската комисија и волјата на другите земји-членки. Со тоа, може да се сруши повеќедеценискиот стратегиски пристап на ЕУ кон Балканот.
Од крајот на балканските конфликти од 1990-тите, приоритетот на ЕУ беше да се донесе долгорочна стабилност во овој проблематичен дел од континентот. Да им се стави крај на војните е една работа, но за да се изгради вистински мир потребен е долгорочен напор, особено околу мирната интеграција.
Во 2003 година, како дел од самитот во Солун, ЕУ-водачите официјално ги обврзаа своите земји да ја отворат ЕУ за членство на сите земји од Западен Балкан. Оттогаш, ова беше светилникот што ги инспирираше и ги насочуваше политиките што се водат во регионот, со цел да се реформираат економиите и општествата, да се надминат поделбите од минатото и да се подготват за европската иднина.
Тоа сигурно не беше лесно и напредокот беше бавен во голем број области. Но во еден регион секогаш растргнат меѓу силите на расцепкувањето и на интегрирањето, рамнотежата јасно се префрли од првото на второто, во голема мера благодарение на европската перспектива.
Овој проект е доведен во опасност со одлуката на Франција за Северна Македонија. Никој не беше под впечаток дека членството во ЕУ за Северна Македонија на кој било начин ќе биде брзо. Ова беше прашање на почнување децениски процес на преговори и реформи инспирирани од таа перспектива.
Всушност, Договорот од Преспа 2018 меѓу Северна Македонија и Грција, со кој се реши долгогодишниот спор на двете земји за името, требаше да биде де факто предуслов за тргнување по ЕУ-патеката. Сега Париз порачува дека ова ќе мора да почека додека да се направат некои нејасни реформи во ЕУ во наредниве години и можеби децении.
И ова е доволно лошо само по себе, но импликациите од одлуката одат многу подалеку. Француското вето не беше само вето против Северна Македонија и Албанија, туку и против целиот процес на проширување на Западен Балкан, ефикасно потопувајќи ја целата таа политика. Ова можеби не беше директно кажано, но, индиректно, ова беше вето и против Србија, Црна Гора и Босна.
Ова неизбежно ќе има импликации врз другите големи проблеми во регионот. Со можноста за интеграција, Србија требаше да избере помеѓу својата иднина со Европа и минатото со Косово, нормализирајќи ги односите. Ако Европа ја затвори вратата, ова станува неизмерно потешко. А со сите свои тензии, иднината на Босна секако ќе беше многу постабилна ако земјата беше вметната во структурите на Европа.
Францускиот претседател Емануел Макрон со елоквентни термини зборува за одговорностите на Европа и сака да се позиционира себеси како фигура што ја поставува ЕУ на нова траекторија од глобално значење. Сето тоа е фино и добро – и итно потребно – но тешко е компатибилно со уривањето на кредибилитетот на ЕУ во самата Европа.
Треба да се запомни дека последниот пат кога беше направен обид за посуштински ремонт на ЕУ, со таканаречениот Уставен договор, тој во 2005 година беше урнат со референдум во Франција. Оттогаш никој не се осмели да го оживее тој обид. А дали Париз е искрен за својата спремност во иднина да се отвори кон нови членки е оставено под сомнеж. Малкумина, се плашам, ќе бидат подготвени да сметаат на тоа.
Франција можеби никогаш не била ентузијастички поддржувач на проширувањето на ЕУ, но генерално го прифати процесот и среќно живееше со резултатот. Сепак, Франција направи сè што може за да ги блокира перспективите на пристапувањето на Турција во текот на своите години на ветувачки демократски реформи и европски аспирации. Иако влијаеја и други фактори, ова играше улога во придвижувањето на Турција во друга насока. Додека Турција во минатото беше стратегиска можност за Европа, таа сега се претвори во стратегиска опасност за Западот.
Гледајќи нанапред, ризикот е дека истото може да се случи на Балканот. И додека неговите земји ќе останат економски зависни од ЕУ, неизбежното забавување на потребните реформи и интеграција веројатно ќе принуди уште повеќе млади луѓе од Балканот да ја бараат својата иднина во ЕУ. Оние што остануваат може да бидат повеќе привлечени од опасните политики на национализмот и носталгијата. Лишени од иднина, тие можеби ќе бараат враќање во минатото.
На крајот на краиштата, тоа е Балканот. Видовме дека ова се има случено и досега.