Расел Вестбрук напиша историја во својот едвај втор натпревар со Хјустон Рокетс за време на дебитантската победа на „ракетите” во сезоната на домашен терен против Њу Орлеанс Пеликанс – 126: 123.
Поранешниот кошаркар на Оклахома Сити Тандер го надмина Меџик Џонсон и сега е втор на листата на кошаркари со најмногу „трипл-дабл” учиноци во историјата на НБА лигата, регистрирајќи го 139-тиот во неговата кариера. Тој одигра одлично во последната четвртина и му донесе тежок успех на тимот од Тексас над младиот тим на „пеликаните”. Суперsвездата заврши со 28 поени, 10 скокови и 13 асистенции за својот прв „трипл-дабл” со екипата на Рокетс. Тој во последната четвртина постигна 10 поени, а при 6,1 секунди до крајот на дуелот, реализираше два клучни пенали за водство од 124:123.
– Ова е нешто што никогаш не го земам здраво за готово. Во денешно време, правењето „трипл-дабл” не е нешто исклучително. Но, јас се чувствувам горд на тоа затоа што вложувам многу енергија, се жртвувам и правам многу за да бидам подготвен секоја вечер да играм на највисоко ниво. За мене ова е неверојатно достигнување. Никогаш не помислив дека ќе играм во НБА, па се чувствувам благословено. Никогаш немам можност да размислувам за тоа што сум постигнал, но вечерва ќе го сторам тоа – благодарен сум што можам да излезам на теренот и да бидам конкурентен, рече бекот.
Пред него на престижниот пласман е само Оскар Робертсон со 181. Инаку, за успехот, Џејмс Харден постигна 29 поени. За „пеликаните”, Брендан Инграм и Лонзо Бол се истакнаа со „дабл-дабл” – 35 поени и 15 скока за Инграм и 15 поени и 10 асистенции за Бол – но тие се покажаа недоволни за избраниците на Алвин Гентри, кои загубија по трет пат по ред во новата кампања.
Во следните дуели, двата тима се домаќини – Хјустон ја пречекува Оклахома, додека Њу Орлеанс игра со Голден Стејт Вориорс.
Еве ги другите резултати од вечерта:
Милвоки Бакс – Мајами Хит 126: 131 по продолжение
Детроит Пистонс – Филаделфија 76-ерс 111: 117
Атланта Хокс – Орландо Меџик 103: 99
Њујорк Никс – Бостон Селтикс 95: 118
Кливленд Кавалирс – Индијана Пејсерс 110: 99
Чикаго Булс – Торонто Репторс 84: 108
Сан Антонио Спарс – Вашингтон Визардс 124: 122
Јута Џез – Сакраменто Кингс 113: 81
Феникс Сонс – Л.А. Клиперс 130: 122.