Република Македонија, на листата „Дуинг Бизнис“ падна за 7 места од 10 на 17 место во светот. Тоа автоматски докажува дека Владата не работи ништо за одржување на бизнис климата, рече на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсковски.
„Имаме пад кај сите индикатори во извештајот, што уште еднаш укажува на неработата и мрзата на оваа Влада која е посветена единствено на сопствените бизниси“, истакна партискиот портпарол и додаде дека залудни се спиновите од страна на Министерката Нина Ангеловска дека сме уште први во регионот или пак пред дваесет и неколку земји во Европа.
„Овие неуспеси на Владата на СДСМ, на Зоран Заев, Нина Ангеловска, Тевдовски, Анѓушев, Бектеши, Љубе Бошковски како министер за странски инвестиции и останатите од економскиот тим, се затоа што не се работи ама баш ништо во однос на реформите во државата, туку едноставно се работи на крадење и пљачкање на сопствениот народ од горе набројаните луѓе од економскиот тим“, нагласи Арсовски.
Тој повика сите владини функционери надлежни за економија да понесат одговорност за, како што рече, целиот економски крах.
„Правиот пат на целава оваа расипничка влада завршува тука и продолжува во историјата и низ институциите каде ќе треба да носат одговорност. Доаѓа обнова на Македонија“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека после 12 април граѓаните ќе ја вратат државата на патот на успехот.