Во вечерашниот судир на застапниците за независност на Каталонија и полицијата во Барселона, повредени се 46 лица, со што насилството се врати на улиците по една недела мирни собири.
Одборот за одбрана на Републиката (ЦДР), организација која повикува на спроведување на независноста прогласена во 2017 година, собра околу 10.000 демонстранти пред зградата на шпанската полиција во Барселона.
Во знак на протест против претходните насилни полициски интервенции, тие дојдоа до зградата пред која беа поставени железни огради и кордон за итни случаи.
На истото место, улицата Виа Лаијетана, пред девет дена се случи жестока пресметка, откако Врховниот суд во Мадрид претходно изрече 9 до 13 години затвор за лидерите на Каталонија, кои го организираа забранетиот референдум во 2017 година и ја прогласија Република Каталонија.
Денеска, пак, во Барселона се одржува голем собир на застапниците за целовита Шпанија, кои се обидуваат да покажат дека има уште една страна на приказната, односно Каталонија која не сака отцепување.
Членови на водечките шпански партии од Каталонија ќе бидат присутни на протестот.
Ова би можело да биде нивниот најголем собир, откако беа изречени казните на каталонските политичари и активисти.
Вчера, десничарската партија „Вокс“ собра 20.000 луѓе во Мадрид во знак на протест против обидот за отцепување на Каталонија.