Власта на Заев е во очај. Катастрофата која ја создадоа се обидуваат да ја покријат со класична предизборна корупција на гласачите, па спроведуваат партизација на администрација на секое ниво, рече на прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа се повика на медиуми, кои, како што кажа, пренеле дек во пресрет на изборите за 60% е зголемен бројот на огласи за работа во државни институции.
„Од почетокот на месецот објавени се 52 огласи за работа во институциите и на централно и на локално ниво, без прецизирање на бројот на луѓе кои се бараат, а десетици други барања продолжуваат да пристигнуваат во надлежните органи“, образложи Стојаноска и додаде дека ова е спротивно планот за намалување на администрацијата кој го најавуваа од власта.
„Во исто време кога се закануваат со откази на искусни кадри, се вработуваат илјадници роднини и партиски активисти со средства наменети за капитални инвестиции“, истакна таа и побара да не се залажуваат партиските активисти со вработување за период од само два месеца.
Порача дека секоја злоупотреба која сега се прави ќе биде предмет на проверка после изборите, од страна на новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што бесрамно го прават сега нема да ги спаси Заев и СДСМ од пораз. Оваа власт во заминување може да ги залажува своите заборавени активисти, ама нема да ги излаже граѓаните“, нагласи претставничката на ВМРО-ДПМНЕ и порача дека оваа власт ќе биде казнаета на претстојните избори.