Категорично ги отфрламе изјавите на турскиот министер за надворешни работи, соопштуваат од грчкото МНР во однос на изјавите на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, дека Грција во Егејското море пука и потонува чамци со бегалци, jави дописничката на МИА од Атина.
-Категорично ги отфрламе изјавите на турскиот министер за надворешни работи. Слични неосновани тврдења за наводни практики врз бегалците ги изложуваат оние што ги прават, а ги навредуваат, како припадниците на инволвираните грчки власти, така и грчките граѓани кои секојдневно вложуваат огромни напори за да спасат животи. Грција е земја во која се почитуваат законите, демократска држава која ефикасно ги надгледува нејзините граници со целосно почитување на меѓународното право и со високо чувство за хуманост. Тврдењата на спротивното служат само за да се прикрие неподготвеноста на оние што ги шират овие тврдења во исполнувањето на нивните меѓународни обврски, соопштуваат од грчкото МНР.
Медиумите во Грција, повикувајќи се на оние од Турција, објавија дека шефот на турската дипломатија, на заедничката прес конференција со неговиот германски колега во Анкара рекол дека „Грција пука и потонува чамци со бегалци во Егејското море и многу од нив ги принудува повредени да се враќаат во Турција”.