Чешиново е лоцирано во срцето на Брегалничкиот Регион, карактеристичен по својот богат биодиверзитет, култура и долга традиција на одгледување ориз.
За време на фестивалот посетителите ќе имаат можност да ги пробаат традиционалните специјалитети од ориз, произведен со примена на одржливи практики, кои придонесуваат природните екосистеми на овој регион и нивниот биoдиверзитет да бидат сочувани и одржливо управувани и користени.
„Исто така ќе имате можност да го видите најголемото штрково гнездо во Европа, во висина од 3,2 метри, кое се наоѓа на Задружниот дом во Екоетно паркот во Чешиново. Поради најголемата популација на штркови во државата, општината Чешиново-Облешево ја доби титулата ‘Европско село на штркот’ за 2013 година“, најавуваат организаорите.
Организатор на настанот е Јадрената група за одржливо производство на ориз – ОРИЗОВА БРАТИМКА, Чешиново, Чешиново-Облешево, која е воспоставена во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од Фармахем.