Адвокатката Донатела Тесеи, кандидатка на партијата Лига на Салвини, освоила 57,6 отсто од гласовите. Таа ја имаше поддршката и од неофашистичката партија Италијански браќа ((Fratelli d’Italia, FdI) како и од Напред Италија (Forza Italia) на поранешниот премиер Силвио Берлускони.
На второ место се најде Виченцо Бјанкони, кандидат на граѓанското општество кој беше поддржан од Движењето Пет ѕвезди (M5S) и Демократската партија (PD), освојувајќи 37,5 отсто од гласовите.
Иако регионот Умбрија има само 900.000 жители, регионалните избори биле тест за владеачката коалиција M5S i PD. Таа проевропска коалиција пред два месеца ја замени популистичката влада на Движењето Пет ѕвезди и Лига, која Италија ја водеше од јуни 2018 година до август годинава.
Салвини дојде во Перуѓа за да ги „прослави победата” на Тесеи и нејзиниот „неверојатен резултат”.
Салвини им честита на Умбријците на тоа што „ја избраа слободата во име на 60 милиони Италијанци”, што е референца на неговите барања за парламентарни избори од моментот на распадот на коалицијата меѓу Движењето Пет ѕвезди и Лига.
-Деновите ви се одброени, им порача Салвини на премиерот Џузепе Конте, на Луиџи ди Мајо од Движењето Пет ѕвезди и на лидерот на Демократската партија Никола Цингарети.
Според него, моментално министрите од Движењето Пет ѕвезди и Демократската партија „владата ја прават со сила и привремено” .
Салвини во овој земјоделски регион, познат по тартуфите и домашната пршута, успеа да ја победи левицата која на власт таму беше 70 години.