Пратеникот во албанскиот Парламент од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски во обраќањето пред пратениците информираше за неговата средба со претседателот на Северна Македонија,Стево Пендаровски за време на неговата официјална посета на Албанија.
-Како пратеник во албанското Собрание и претставник на Македонската заедница во Албанија, остварив средба со претседателот Стево Пендаровски. Разменивме мислења за актуелните состојби во двете држави и го запознав со актуелните состојби, положбата и правата на македонското малцинство во Албанија и можностите за унапредување на неговата положба и права, рече тој.
Потоа, Стерјовски, се задржа на,како што рече одложената планирана средба на Пендаровски со албанскиот премиер Еди Рама и побара објаснување од кабинетот на Рама.
– Планирано беше претседателот Стево Пендаровски да се сретне и со премиерот Еди Рама, но како што бев информиран од македонската делегација, половина час пред средбата, кабинетот на премиерот Еди Рама средбата ја откажал со образложение: Прeмиерот има важен состанок.
Одложувањето на средбата се случи после заедничката прес-конференција на претседателите Мета и Пендаровски. Премиерот треба да ја информира јавноста, зошто ја одложи средбата со претседателот Стево Пендаровски половина час пред нејзиното одржување, рече Стерјовски.
Однесувањето на премиерот Рама Стерјовски го оцени како несериозно.
-Имајќи предвид дека ваквите средби се закажуваат предвреме со недели, останува впечатокот дека е несериозно однесувањето на премиерот, уште помалку е во духот на добрососедството. Особено ако се има предвид дека Република Албанија и Република Македонија заедно се движат по европскиот пат и споделија иста мерка од последниот самит на Европскиот совет – одлагање на датумот за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Впрочем, не е тајна дека Македонија не доби датум за почеток на преговорите поради нас, поради нашата држава Албанија, посочи тој.
Стерјовски додаде дека односите за добрососедство се критериум за европска интеграција и оти „Република Албанија мора да ја промовира таа политика со сите наши соседи”.