Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, , ја тужи државата за двата неосновани притвора со кои беше во затвор за 344 дена во притвор во 2015 година за случајот „Пуч“ и обвинението за неовластено поседување оружје, пишува „СДК.мк“.
За оружјето беше ослободен, а обвинението за „Пуч“ го повлече Катица Јанева. Така тој и сопругата Соња Верушевска стекнаа право за отштета од државата. Верушевски бара вкупно 71.000 евра за секој ден поминат во притвор. Сопругата бара отштета во друга постапка во Основниот суд Скопје 2.
Заменикот правобранител на денешното рочиште не го оспори законскиот основ за барањето на Верушевски, туку износот.
-Мотивот на оваа правна иницијатива е да се заокружи личната семејна голгота која ми ја наметна државата со конструкција без преседан во историјата на државата. Бев неосновано обвинет за најтешки дела од велепредавство и шпионажа до монструозно обвинение поврзано со педофилија и лична дискредитација“, рече вознемирен Верушевски.
Тој на денешното сослушување изрази разочараност што не беше доволно, како што рече, ни бегството на нарачателот на конструираниот случај „Пуч“, Никола Груевски, сите вмешани во монструозната конструкција, да одговараат.
Тој ги опиша деновите поминати во притвор, голготата што ја правеше врз него тогашната владејачка гарнитура под диктат на Груевски. Го спомна дури и обидот да му се уфрли обвинение за педофилија. Рече дека не било лесно ни тие денови да се биде пријател со семејството Верушевски.
Верушевски, како што кажа неговата адвокатка пред судот, доживеал душевна болка поради неоснованото апсење и држењето во притвор 344 дена за што беше доставен психијатриски наод.