Состојбите во основното образование се загрижувачки. Учениците втор месец немаат учебници. Квалитетот на наставата е толку низок што за 18 години од денес во Македонија ќе имаме најслаб човечки потенцијал. Ваквото тврдење е според истражување на Светска банка, изјави Драган Данев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обвини дека наставниците во основното образование се изневерени. „Минималната плата достигнува 21.311 денари, а согласно колективниот договор за основно образование и најавеното покачување на минималната плата од 14.500 денари, таа треба да биде 33.234 денари, за наставник приправник, односно 36.293 денари за наставник. Во делот на платите, СДСМ вети дека во првите две години наставниците ќе имаат минимална плата еднаква на просечната плата во државата односно 25.127 денари“, рече Данев.
Покрај финансискиот дел, Владата предводена од СДСМ, додаде тој, не обезбедува професионално усовршување и развој на наставниците, ниту пак се осовременуваат наставните програми.
Во делот на инфраструктурните предуслови, Данев рече дека важно е да се напомене дека со секој ребаланс на буџетот се крателе огромни средства од делот на изградба на нови и реконструкција на основни училишта и спортски сали.
Тој, исто така, обвини дека не е имплементиран новиот закон за основно образование.
„Во средното образование имаме слична состојба, па така, учениците втор месец немаат учебници. Се соочуваме со недоволно развиен систем на професионална ориентација на учениците. Дополнителен проблем за учениците во средното образование е што учат по неусогласена програма со таа од основно образование, односно Кембриџ програмата за предметите по математика, физика и хемија. Наставниците како и во основното образование и во средното образование немаат усогласени плати согласно потпишаниот колективен договор. Наставниците воопшто не се усовршуваат, а наставните програми не се менуваат. Како и кај основното образование и средното образование е „жртва“ при секој Ребаланс на буџетот и од ставките за нови и реконструкција на средни училишта и спортски сали се кратат средства“, рече Данев.