Квалитетната статистика е клучна за процесот на носење добри одлуки и за водењето здрави економски политики. Затоа, во изминатиот период, следејќи ги глобалните статистички трендови и меѓународните иницијативи, значително ја надградивме нашата национална статистика со нови податоци. Подготовката и дисеминацијата на квалитетни статистички податоци во согласност со најновите европски и меѓународни стандарди е и секогаш ќе биде наша стратегиска определба. Ова се дел од пораките коишто беа упатени од настанот со којшто Народната банка и Државниот завод за статистика (ДЗС), денес заеднички го одбележаа Денот на европската статистика, под мотото „Подобри податоци. Подобар живот”.
Со свое поздравно обраќање, настанот го отвори гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Притоа, таа се осврна на предизвиците за централнобанкарската статистика, особено на промените што глобалната економска и финансиска криза ги наметна преку барања за зголемување на опфатот, грануларноста, систематизираноста и дисеминацијата на статистичките податоци.
„Главните предизвици со коишто тековно се соочуваат голем број централни банки се однесуваат на технологијата со која се обработува збогатениот обем на податоците, управувањето со нив и на нивната стандардизација за статистички цели, како и на задржувањето на принципот на доверливост во услови на зголемен број на индивидуални податоци. Предизвик е и да се балансира помеѓу зголемената потреба од податоци и товарот за известувачите. Сето ова наметнува потреба од засилена соработка и координација помеѓу сите инволвирани страни, вклучително и помеѓу носителите на статистички истражувања.” – порача Ангеловска-Бежоска, по што посочи и на повеќе проекти во Народната банка, чија цел е да се одговори на новите меѓународни статистички предизвици и да се придонесе за понатамошно подобрување на инфраструктурата на носење одлуки.
Директорот за ДЗС, Апостол Симовски посочи дека во рамките на националниот статистички систем чијшто координатор е ДЗС, секој учесник има своја улога и одговорност во производството на статистики од својот домен на работење. Како што истакна тој, координацијата и усогласеноста на сите чинители во овој систем е основен предуслов за исполнување на целите и обврските на овие институции.
„Народната банка, како производител на монетарната и на екстерните статистики, како и на статистиката на финансиски сметки е една од најбитните алки во синџирот на производство на официјални статистики и е партнер кој почитувајќи ги стандардите и правилата на европскиот статистички систем успешно ја претставува Република Северна Македонија во европското централнобанкарско семејство. Нејзината улога да придонесува кон одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем ја прави основен столб за поддршка на општата економска политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.” – порача Симовски.
На настанот се обрати и шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Самуел Жбогар, кој нагласи дека „од суштинско значење за секое општество е постоењето непристрасен статистички систем. Преку него се изготвуваат сигурни податоци кои ѝ помагаат на државата поефикасно искористување на јавните средства и усовршување на политиките. На крајот, овозможува јавниот сектор да им служи на граѓаните. Да не ги споменувам сите придобивки за приватниот сектор. Накратко, статистички систем кој е управуван професионално и не подлежи на политичко влијание може да ја направи земјата подобро место за живеење. ЕУ со години ги помага реформите во областа на статистиката. Еден од резултатите е проектот Регистар на населението. Овој регистар ќе донесе многу придобивки за граѓаните и компаниите и ќе го поддржи спроведувањето на пописот.”
На одбележувањето на Денот на европската статистика, почесен гостин на Народната банка беше Пер Ниманд-Андерсен, советник на високото раководство на Европската централна банка. Тој одржа предавање за улогата на Европската централнобанкарска заедница за обезбедување европска статистика. Фокусот на предавањето беше ставен на улогата на ЕЦБ во обезбедувањето на европската статистика, сѐ поголемото значење на микроподатоците во изготвувањето на статистиката и носењето на одлуките, како и на предизвиците коишто тоа ги наметнува при извршување на статистичката функција.
Во рамки на дискусијата на настанот уште еднаш се потсети дека одговорноста којашто ја имаат сите чинители на статистичкиот мозаик е голема – создаваат јавно добро чии полезности ги чувствува секој поединец, како и институциите и носителите на политики, а сето тоа придонесува за здраво и просперитетно општество.
Народната банка и ДЗС се цврсто решени и натаму да ја развиваат заемната соработка за постојано унапредување на националниот статистички систем.