Неодамна, издавачката куќа „Слово“ од Скопје, го комплетира објавувањето на Избраните дела во шест тома од Димитар Башевски, автор на дваесеттина книги проза и поезија, дел од кои се преведувани и објавувани на неколку европски јазици и наградувани со највисоките награди во земјата. Во избраните дела, покрај другите, се вклучени романите „Бунар“, Нема смрт додека ѕвони“, „Сарајановскиот катанфил“, „Братот“, „Прозорци“ и „Круг“. Исто така, во Избраните дела се објавуваат неговите раскази под наслов „Мајсторот“, како и широк избор од неговата поезија.
Избраните дела на Башевски се објавуваат со обемен предговор на д-р Маја Бојаџиевска во кој таа, покрај другото, истакнува дека некои од романите на Башевски се „реперна точка не само за успонот на авторската поетика, туку и за целокупното романескно творештво во Македонија во поледниве години“. Секој од томовите на Избраните дела донесува и посебни поговори од видни познавачи на делата на Башевски – академик Катица Ќулавкова, академик Луан Старова, Ефтим Клетников, Јасмина Врбавац, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.