Институтот за сточарство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје денеска ги пушти во употреба новите реновирани простории за настава, кои се донација од Турската агенција ТИКА.
Директорка на Институтот, Родне Ѓорѓиоска-Настова информира дека во новите предавални, кои се наоѓаат во просториите на самиот Институт, ќе се пренесуваат искуства и сознанија од областа на сточарството, рибарството, исхраната, но и многу други сродни области.
Според неа, научната работа бара посветеност, а најдобар начин за пренесување на резултатите е со организирање работилници и обуки што Институтот до сега ги организирал во други предавални и центри надвор од институцијата, затоа што немал свои простории.
-Институтот за сточарство врши научно истражувачка дејност која има за цел да го унапреди сточарското производство и гранките поврзани со него во нашата држава. Со Турција Институтот има поврзаност со претставување на нашите резултати од научно истражувачката работа на нивните конгреси, симпоизуми и слично, рече директорката.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкулоски посочи дека ова е значаен момент за Институт за сточарство, кој со својата дејност во овие моменти нема доволно финансиски средства за една ваква инфраструктура.
-Ние како Универзитетот се обидуваме да помогнеме на Институтот, и се надевам дека со нашата помош ќе се подобри целокупната работа и дејност на овој значаен Институт. Од невладината организација ТИКА од Република Турција освен оваа донација, имаме добиено и многу други донации кои што јас како поранешен декан на Медицинскиот факулте имав прилика да ги добијам и доживеам, рече Јанкуловски.
Претставникот на ТИКА во земјава, Ајтекин Ајден потсети дека турската агенција досега има реализирано околу илјада проекти во нашата држава од областа на образование, наука, здравство, земјоделство, инфраструктура, култура.
-Ова е многу значаен Институт во земјава, со многу долго минато. Барањето за донација беше поднесено од страна на самиот Институт, а ние во заеднички констултации и соработка и со Универзитетот и со Инситутот за сточарство ја почнавме оваа процедура, што за многу краток период успеавме заеднички да ја комплетираме, појасни Ајден.
Според него, ТИКА во соработка со Институт и Универзитетот ќе даде многу голем и значаен допринос во образованието и едукација на студентите и вработените.
-Ние имаме редовни средби со директорката и друга екипа од Институтот. Оваа просторија ќе може да се користи за проекти, за обуки за земјоделците и за различни претставници од областа на сточарството и земјоделството, а просторијата е од големо значање затоа што тие ќе можат да бидат на едно место, и да се консултираат во вакви модерни и убави услови, рече Ајден.