Францускиот фудбалер Франк Рибери најверојатно ќе биде дисквалификуван на неколку натпревари, бидејќи синоќа по натпреварот од Серија А меѓу Фиорентина и Лацио, доби црвен картон откако го турна еден од помошните судии.
Рибери беше нервозен, па дури денеска сфати каква суспензија го чека, по што јавно се извини, со надеж дека казната ќе биде малку поблага. Се зборува дека Рибери за агресивното однесување може да добие забрана за настап на најмалку четири натпревари.
– Сакам да се извинам за тоа што се случи. Им се извинувам на навивачите, соиграчите и тренерите. Му се извинувам и на судијата Пасери. По завршувањето на натпреварот, потегот го направив во афект. Бев многу нервозен, жалам, однесувањето ми беше неприфатливо, напиша Рибери на Твитер.